Украина може да го замени целиот капацитет на гасоводот „Северен тек 1“ преку Суџа, eдинствената транзитна точка со Русија, каде поминува стариот советски, а сега руски гасовод. Ова за Ројтерс го изјави директорот на украинската компанија за транспорт на гас Сергиј Макогон.
– Тие не го користат целиот капацитет на Суџа. Иако може да се испумпуваат 77 милиони кубни метри дневно, се испумпуваат само 41 милион – изјави Макогон.
Ден откако „Газпром“ изјави дека ќе го затвори „Северен тек“ на неодредено време, тие рекоа дека ќе испорачуваат 42,7 милиони метри кубни преку Суџа. Прашањето е како да се надополнат останатите количини.
Минатата недела „Газпром“ целосно ја прекина испораката на гас преку „Северен тек 1“, бидејќи при редовно одржување на гасоводот беше утврдено дека дошло до истекување нафта на единствената работна единица во близина на Санкт Петербург.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека за целосното затворање на гасоводот „Северен тек 1“, што минува меѓу Русија и Германија, треба да се обвинат западните санкции.