Граѓаните сѐ повеќе преферираат финтек услуги наспроти банкарските, поради едноставноста, достапноста, брзината и транспарентноста, велат небанкарските финансиски друштва. Тие нудат кредити од 50 до 500.000 евра, а стапката на одобрување е околу 40 отсто. Каматата се движи од нула до 36 проценти, но за заемите се пресметуваат и дополнителни трошоци.
Како што беше речено денеска на брифинг со новинари, ако клиент подигне кредит од 10.000 денари, со сите задоцнувања на исплатата ќе треба да врати максимум двојна сума или 20.000 денари.
Според небанкарските финансиски друштва, со новите законски измени од 2023 година и Правилникот за кредитен ризик донесен лани, исклучително е висока сигурноста за граѓаните и измамите се сведени на минумум. Овозможена е автоматска верификација на документите преку воведување регистрирани шеми за електронска идентификација на клиентите. Небанкарските финансиски друштва, како што истакнаа нивните претставници, во своето работење применуваат и вештачка интелигенција.
– Кредитниот раст во небанкарските финансиски друштва со третиот квартал во 2024 година изнесува седум отсто што е скоро еднакво со кредитниот раст од шест проценти во банкарскиот сектор, додека во вкупната актива на финансискиот систем во земјава финаниските друштва учествуваат со само 1,1 отсто – истакнаа членовите на Групацијата на небанкарските финансиски друштва при Стопанската комора.
Законските измени го намалиле бројот на небанкарски друштва од 35 колку што биле активни во 2022 година, на 27.
– Новите регулативи им овозможија „опстанок“ само на оние друштва кај кои интерните процедури и системи беа прилагодени уште пред новиот Правилник и кои работеа целосно етички и транспарентно. Ова не само што не предизвика потреси, туку и им овозможи фер, унифицирана и стандардизирана законска средина на работење – велат од Групацијата.
Новиот Правилник од април 2024 година ги заштитува потрошувачите од презадолжување, па учеството на обврските во месечниот приход не смее да надмине 70 отсто. Законските измени, пак, го зајакнаа корпоративното управување на друштвата со зголемување на минималниот основен влог на 500.000 евра наместо дотогашните 100.000. Нивното финансирање е најчесто од сопственикот или од инвеститори. Друштвата подлежат и на редовни инспекциски контроли, општи кои се спроведуваат еднаш во три – четири години или специфични, конкретно фокусирани, кои може да се реализираат на секои три – четири месеци.