Ако не си позитивен на корона, тогаш нека ти е на здравје, најверојатно си закачил гнојна ангина. Вака обично матичните лекари им велат на пациентите кои се жалат на висока температура, болки во грлото и сува кашлица, а кои веќе направиле ПЦР-тест и добиле негативен резултат.
Лекарите посочуваат дека симптомите на гнојна ангина и на корона се многу слични и дека двете болести многу лесно се пренесуваат од човек на човек преку кашлање.
Првите денови од воспалителниот процес, објаснува матичен лекар од реонот на Карпош, температурата на пациентот обично се качува до 39 степени и многу потешко се симнува во споредба кога се работи за грип или за обична настинка.
– Во период кога се зголемуваат бројките на новозаразени со коронавирусот, гнојната ангина ни е капак на сѐ. Симптомите се многу слични на почетокот и ние веднаш не можеме да знаеме дали пациентот е заразен со корона или има ангина. Затоа, веднаш ги праќаме пациентите да направат крвна слика, па врз основа на резултатите и висината на ЦРП-то носиме одлука дали да препишеме антибиотици. Оти, знаете, болните од корона не смеат да се лекуваат со антибиотици, додека, пак, пациентите со ангина мора да примаат антибиотици. Но, многу често се соочуваме со пациенти кои имаат изразити симптоми на корона и за кои веднаш закажуваме термин за ПЦР-тестирање. И на крај, кога ќе го добиеме резултатот од тестирањето, заклучуваме дека всушност пациентот нема вирус, туку гнојна ангина. Можам да кажам дека неколку термини за ПЦР-тестирање во денот со сигурност се трошат за пациенти со гнојна ангина – објаснува матичниот лекар.
Во однос на симптомите, освен високата телесна температура, лекарите истакнуваат дека очекувано е крајниците да отечат и да добијат изразита црвена боја, а очекувани се и гнојни чепови.
– Крајниците отекуваат и пациентите чувствуваат силен притисок и жештина во грлото. Болката во грлото е многу голема. Треба огромна храброст и концентрација пред секое голтање. Опоравувањето не оди баш најбрзо, па за еден пациент целосно да оздрави потребни се сигурно 3-4 ноќи поминати со висока температура. Процесот на лекување е бавен, но не е ништо страшно. Но, ако премногу чекате и ако се надевате дека ќе ви помине само од себе, тогаш ризикувате бактеријата да се прошири и да се појават нови компликации. Потребно е да пиете многу течности – објаснува матичниот лекар.
Стручно мислење побаравме и од д-р Ангелчо Андоновски, педијатар и поранешен член на Комисијата за заразни болести.
Тој појаснува дека гнојната ангина всушност е болест која е предизвикана најчесто од бактериите стрептокок и стафилокок, но и од некој габичен предизвикувач како на пример, кандида.
– Ги зафаќа крајниците и се манифестира со болка во грлото, неможност за голтање, температура, промена на гласот, поспаност, слабост, кашлање, па дури и сукрвица во плунката. Обично при преглед се гледаат точкасти налепи на тонзилите, односно на крајниците, како и оток на лимфните жлезди на вратот. Се третира со соодветна антибиотска терапија дадена по антибиограмско испитување. Обично, децата страдаат многу често од вакво заболување, но и кај возрасните е честа појава. Предизвикувачи постојат насекаде, важна е хигиената и работата на силен имунолошки систем – објасни д-р Андоновски.
Со сличен проблем се соочуваат и лекарите во соседна Бугарија, кои забележуваат дека во последниов период има значително зголемување на пациенти со гнојна ангина.
Меѓу корона и ангина би избрал корона
Микробиологот д-р Никола Пановски неодамна им порача на граѓаните дека во моментов, кога лично тој би можел да бира, тогаш попрво би избрал да се зарази со коронавирусот отколку да добие ангина.
Тој вели дека во моментов бројот на заболени е 10 пати поголем од официјалната статистика, а многу од младите не ни знаат дека биле заразени.
– Нема потреба граѓаните сами да се тестираат и да прават трошоци, туку да се изолираат неколку дена. Нема никаков ефект освен финансиска загуба од тестирање, иако е точно дека некои бараат изолација за да добијат боледување. Кога би бирал меѓу ковид и ангина, сега би одбрал ковид. Така што, мислам дека тестирањето не значи ништо – рече Пановски за телевизија Сител.