Како е можно воопшто да помислиме за преговори, да помислиме за потпишување Договор за пријателство, добрососедство и соработка, да помислиме или да сакаме да ги внесеме во Уставот на Република Македонија оние што нас нè негираат, нè одрекуваат, оние што за нас велат: Не сте Македонци – пишува професор Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ, во својата колумна во Нова Македонија.
„Двете алтернативи – прво избори, па уставни промени, или прво уставни промени, па избори, за нас, Македонците, се неправедни, нечовечки, понижувачки и беспредметни. Единствено решение е определбата: никогаш уставни промени или уставни промени само како полноправна ЕУ-членка. Објаснувањето е толку едноставно што сите ќе го разберат – неупатените, неутралните, младите, возрасните, партиски определените граѓани и партиски неопределените граѓани, со еден збор: СИТЕ. Сето друго е лага, манипулација, грозоморно предавство. Но медиумската војна е беспоштедна, вулгарна и неоправдана, па затоа, анализирајте и мислете објективно, зборувајте со вашите блиски роднини, пријатели, сопатници и критички размислувајте за вистината и за манипулациите.
Еве го, парафразирајќи го Блаже Конески, простото и строго објаснување. Договорот со Бугарија и обврските што произлегуваат од протоколите треба секогаш да се анализираат имајќи ја предвид рамковната позиција на Република Бугарија во однос на процесот за стабилизација и асоцијација на Република Македонија – документ усвоен во Собранието на Република Бугарија, на 10 октомври 2019 година. Во тој документ пишува: „Треба да биде јасно дека јазичната норма прогласена за уставен јазик во Република Македонија е поврзана со еволуцијата на бугарскиот јазик и неговите дијалекти во поранешната југословенска република, по нивната кодификација во 1944 година. Ниту еден документ/изјава во процесот на пристапување не може да се смета за признавање од страна на бугарската страна на постоењето на т.н. ’македонски јазик‘, одвоен од бугарскиот“.
Фактот дека македонскиот јазик е различен од бугарскиот јазик е поткрепен со илјадници тома книги, научни анализи и неспорни сведоштва и записи на светските лингвисти и светските слависти – за тоа никаде не се спори, освен во Бугарија. Јас сум пишувал за тоа повеќепати и нема потреба да повторувам. Меѓутоа, ненаучниот став на Владата на Република Бугарија, поддржан од Бугарската академија на науките, во однос на македонскиот јазик е јасен и непроменет од 1949 година (по раскинувањето на Бледскиот договор) до денес. Според него, ако на територијата на денешна Република Македонија, до 1944 година, се зборувало бугарски јазик, којшто потоа се нарекол македонски јазик, тогаш голем дел од жителите на Македонија, до 1944 година, кои го зборувале тој јазик – бугарскиот јазик, биле, всушност, Бугари, за потоа, по 1944 година, да се преименуваат во Македонци.
Оттука, ако другата страна, во овој случај Република Бугарија, не ги признава македонскиот јазик, историја и идентитет, независно од постоењето на бугарскиот јазик, историја и идентитет, тогаш прашањата: дали треба воопшто да се водат разговори, усогласувања со таа страна, дали треба да се потпишуваат разновидни и недостојни договори за пријателство, добрососедство и соработка, и дали треба да се менува Уставот на Македонија по барање на другата страна, зарем не ви се чини дека се бесмислени, нелогични и неправедни? Зар тоа е пријателство, добрососедство и соработка? Дали, можеби, во таков случај, единствено решение за Македонија е раскинувањето на Договорот со Бугарија?
Ќе повторам уште еднаш, за да нема недоразбирање: ако страната со која се разговара, преговара, усогласува вели дека ние не сме Македонци, а рамковната позиција го прави токму тоа, што ни преостанува нам: да преговараме или, конечно, еднаш засекогаш, да речеме: ДОСТА. Тоа не се ниту рамноправни преговори, ниту разговори, туку потпишување безусловна капитулација. Сè има свој почеток и свој крај, а ова е крајот, ова е дното на сите дна и време е да кажеме: ДОСТА. Како е можно воопшто да ПОМИСЛИМЕ за преговори, да ПОМИСЛИМЕ за потпишување Договор за пријателство, добрососедство и соработка, да ПОМИСЛИМЕ или да САКАМЕ да ги внесеме во Уставот на Република Македонија оние што нас нè негираат, нè одрекуваат, оние што за нас велат: НЕ СТЕ МАКЕДОНЦИ. Приказните и ветувањата дека треба само да го смениме Уставот и да ги почнеме преговорите, а потоа сè ќе се среди и со магично стапче сите уцени на Република Бугарија ќе исчезнат, а Македонија ќе влезе во ЕУ до 2030 година, се приказни за мали деца или за наивни будали. Или, што е и најверојатно, имаат единствено лукративна повеќеслојна заднина“ – пишува Коцерев во својата колумна.