Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи ги отфрли тврдењата за вмешаност на Иран во нападот на Хамас врз Израел и во исто време ја повтори поддршката на Иран за Палестинците.
Во говорот на воената академија, ајатолахот оцени дека Израел „доживеа непоправлив неуспех на воено и разузнавачко поле“ по офанзивата на палестинското движење.
Тој ги отфрли обвинувањата за иранска вмешаност во подготовката на нападот на Хамас.
„Последниве два-три дена кружат гласини од поддржувачи на ционистичкиот режим и други, меѓу другото, дека зад оваа акција стои исламски Иран. Тие се неточни“, рече врховниот лидер на Иран.
Се разбира, како што додаде, целиот муслимански свет е „обврзан да ги поддржи Палестинците“.