Прашање само на време е кога ќе биде отворен Уставот, вели лидерот на владејачката ДУИ, Али Ахмети, во врска со барањето да се тргнат 20 проценти во дефиницијата за Албанците во Уставот.
Тој додаде дека има добра волја од сите страни за оваа промена.
– Овие 20 проценти мора добро да се објаснат, 20-те проценти се инсталирани во Уставот на Македонија во одредено време за да се постигне компромис, бидејќи 20 отсто во Уставот на Македонија не ја нарушува суштината на унапредување на албанското прашање во Македонија. Направивме компромис и бевме сигурни дека со текот на времето ова прашање ќе дојде во најдобриот момент и ќе се смени и има добра волја од сите партии од првиот момент кога Уставот ќе се отвори за промени и унапредувања, ќе се реши – рече Ахмети.
Тој смета дека спроведувањето попис во државата не треба да се претвори во бесмислена меѓуетничка битка.
– Ако отвориме спорови, Албанците ќе кажат дека и 200 до 300.000 не се попишани, и Македонците, исто така и Србите, Турците… и што ќе правиме, ние нашата земја ќе ја претвориме во арена на дебати што не водат никаде, освен внатрешно расипување на односите меѓу етникумите. Во секоја земја има 10-12 проценти од населението кое не е попишано и во најдемократските земји. Вакво нешто можеби направиле македонски, албански, турски граѓани, кои не се одѕвале на повикот на државните институции за спроведување на граѓанскиот чин за попишување на жителите и општото богатство на граѓаните. Условите за сите беа еднакви. Државните институции постапуваа за сите без никаква разлика, но ова е резултат што е прифатен од надлежните институции. Ќе апелирам до сите политички партии да не ја политизираат и да не ја расипуваат состојбата меѓу етникумите – рече Ахмети вчера по пуштањето во употреба на фотоволтаичен покрив на Општина Чаир.