Ние денеска требаше да одржиме Комисија за надворешна политика, но ја одложивме затоа што повеќе политички партии покажаа заинтересираност да се вклучат и да ја поддржат Декларацијата за поддршка на територијалниот интегритет на Украина, ни изјави пратеничката Моника Зајкова од ЛДП, партија која е предлагач на Декларацијата.
– Седнавме денеска сите заедно и изготвивме усогласен текст со одредени формулации. Документот го дотеравме во терминолошка смисла и утре ќе се одржи Комисија за надворешна политика на којашто ќе биде изгласана Декларацијата. Истото требаше да се случи уште вчера, но проблем беше тоа што документот не беше преведен на албански јазик – објасни Зајкова.
Сега сето тоа е завршено, сѐ е усогласено, додаде таа.
– Освен нашата партија, предложената Декларација доби поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, од ДУИ, а очекуваме поддршка од Алијанса за Албанците и од Алтернатива. Партијата Левица, искрено да ви кажам, одбива да учествува и да ја поддржи Декларацијата за Украина – истакна Зајкова.