Агенцијата за храна и ветеринарство тврди дека досега нема увоз на контаминирани домати од Албанија, откако анонимен земјоделец во медиумите испрати порака во која информира дека има информација дека се увезени 10 камиони со небезбедни домати кои требало да бидат пласирани во Црна Гора.
– Како одговорна институција за безбедноста на храна, уште поодговорно тврдиме дека ваков таканаречен увоз не е можен, бидејќи пратки со храна, вклучително и со домати кои како небезбедни се вратени од увоз во други земји освен да транзитираат, не смеат да се увезат во државава – велат од АХВ од каде оваа покраја ја окарактеризираа како груба невистина.
Според информациите на АХВ од почетокот на годинава од вкупно увезените 1.819.306 килограми домати по потекло од Република Албанија нема вратено ниту една пратка како небезбедна.
-Во неделата (14.05.2023 година) преку инспекциското место на ГП Табановце кое работи за време на викенд, од страна на инспектор за храна на Агенцијата за храна и ветеринарство, извршен е преглед и дозволен е увоз на 12 пратки со различен вид зеленчук, од кои 148.757 килограми домати. Увозот е реализиран од 11 оператори со храна евидентирани во Агенцијата за храна и ветеринарство кои за увозот ја поседуваат целокупната потребна документација – велат од АХВ.
АХВ тврди дека увоз на 10 камиони со небезбедни домати од Албанија, за кој анонимно се тврди дека е реализиран деновиве, воопшто не е евидентиран од Агенцијата за храна и ветеринарство како таков, односно, досега, вклучително и викендов, не е вратена ниту една небезбедна пратка по потекло од соседна Албанија.
Агенцијата апелира граѓаните да бидат спокојни и да не наседнуваат на дезинформации, особено не на објави на социјалните мрежи зад кои се затскриваат интереси на поединци, кои, од само за нив познати причини, во име на грижа за здравјето на граѓаните пласираат невистини и ги доведуваат во заблуда потрошувачите.
-До анонимниот објавувач упатуваме апел доколку располага со вистините докази случајот да го пријави до надлежните државни органи – велат од АХВ.
Оттаму додаваат дека инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство вршат контроли на домашниот пазар со овошје и зеленчук, како и на пратките кои се увезуваат во земјава. Со контролите се опфатени магацините за чување на овошје и зеленчук, дистрибутивните центри и преработувачките капацитети за овошје и зеленчук. Дополнително, прометот со овошје и зеленчук се контролира и во рамки на контролите на мешовитите продавници кои вклучуваат и трговија со овошје и зеленчук и преработки од нив.