Аеродромот во Франкфурт, еден од најпрометните и главен меѓународен центар во земјата, ги советуваше патниците во четвртокот да го проверат статусот на нивните летови поради „тековните демонстрации“. Откако аеродромските операции продолжија и сите четири писти беа оперативни неколку часа подоцна, портпаролот на аеродромот рече дека се откажани приближно 140 летови од 1.400 планирани, објави Еј-Пи њуз.
Групата за климатски активисти „Letzte Generation“ (Последна генерација), која ја организираше акцијата, соопшти дека 6 нејзини членови користеле клешти за да направат дупки во жичената ограда на аеродромот пред да тргнат „пеш, со велосипед и со скејтборд до различни точки околу пистата“.
Демонстрантите држеа и транспаренти на асфалтот со натпис „Нафтата убива“.
Германската министерка за внатрешни работи, Ненси Фезер, чие министерство сака да го казни неовластениот пристап до аеродромот со до две години затвор, протестите ги нарече „опасни, глупави и криминални“.
„Овие дела мора да бидат построго казнети. Предложивме тешки затворски казни“, објави таа на платформата „Икс“.
Полицијата соопшти дека се приведени 8 лица.
Групата, која сака германската влада да постигне глобален договор за постепено исфрлање на нафтата, гасот и на јагленот до 2030 година, именуваше неколку земји низ Европа и Северна Америка каде што се планираат слични нарушувања.
Протестот во четвртокот дојде еден ден откако слични протести беа одржани на неколку европски аеродроми, вклучувајќи го и лондонскиот „Хитроу“, каде во средата беа уапсени неколку активисти. На аеродромот во Виена, Австрија, четворица активисти истурија портокалова материја во една од салите на аеродромот, држејќи табли на кои пишуваше „Нафтата убива“.
Активистите на групата „Letzte Generation“, исто така, накратко го прекинаа сообраќајот на аеродромот Келн-Бон во средата, откако се задржаа на пистата.