Денеска, како никогаш досега во Собранието, имаме поделба на два концепта: Европа и контра Европа, рече пратеникот на ДУИ, Арбр Адеми, на денешното негово обраќање во Собранието.
– Денеска паѓаат маските. Денеска излегуваме пред народот кој нѐ гласа на избори. Се наоѓаме пред еден момент кој е поголем од сите нас. Убеден сум дека секој од вас ѝ посакува добро на оваа држава. Денеска сме пред мостот каде што имаме поделба. Денеска ова Собрание е поделено на два дела. Предлогот за уставните измени е резултат на компромисот кој беше постигнат помеѓу Македонија и ЕУ, а тоа е израз на дипломатската работа и е нашиот билет во еден правец кон Унијата. Одлуката за уставните измени е во наши раце и во раце на граѓаните. Одлуката што ќе биде донесена ќе биде главна за понатамошните дејствија, но и за консолидирање на внатрешната демократија, визијата за иднината и за животниот стандард во земјава – рече Адеми.
Граѓаните не сакаат конфликти, туку мир. Граѓаните не се со Русија, туку со Америка и со ЕУ. Постојат стравови од Албанците, стравови од Србите, стравови од Грците, стравови од Бугарите. Но, граѓаните не се плашат и си седат спокојно дома, порача пратеникот на ДУИ.
– Ги разбирам причините за загриженост. Неколку сили се обидуваат да ги реализираат нивните соништа од минатиот век, но Северна Македонија е достојна да биде дел од европското семејство. Немаме резервна држава. Моите деца живеат тука и ја планираат иднината во оваа држава. Држете нѐ за збор дека ние ќе бидеме со вас во секаков предизвик. Заедно, рационално и на конструктивен начин треба да продолжиме понатаму. Членството во ЕУ го заслужуваме, докажувајќи дека ги имаме европските вредности во нашето општество. Наскоро ќе прославиме 32 години самостојност на државата, а сега сме полноправна членка на НАТО – истакна Адеми.
Тој им порача на пратениците да не ја изневерат довербата на граѓаните.
– Не се ставајте во ситуација да бидете обвинети дека ја блокирате иднината на државата, но и на целиот регион. Не е време за популизам и за собирање евтини политички поени. Потребно е да дадете придонес за влез во ЕУ. Ве повикувам да бидеме заедно во овие моменти и да не дозволиме нашата Македонија да се врати на темен балкански вилает. Имаме историска надеж да влееме надеж, а не да сееме страв. Да засадиме иднина и да ја откорнеме бесперспективноста. Да гласаме „за“ – порача Адеми.