АД „Водостопанство“ ќе се реорганизира, а одлука за моделот ќе донесе владата на една од седниците во текот на овој месец, најави министерот за земјоделство Љупчо Николовски, по реакцијата на земјоделците дека во Овчеполието немаат вода за наводнување иако е полна браната Калиманци, и реакцијата на земјоделците од Велешко дека цената на водата за наводнување е висока.
– Работната група на Министерството за земјоделство веќе ја заврши работата и утврди два модела за реорганизација на ова акционерско друштво. Очекувам владата во текот на август да одржи тематска седница и да одлучи по кој модел ќе биде извршена реорганизацијата. Мое мислење е дека друштвото треба да се децентрализира и да им се дадат повеќе можности, корист и слобода на подрачните единици бидејќи најдобро ги знаат локалните проблеми – рече Николовски.
Министерот најави и нова цена на користење на водата за наводнување, но не е сигурен дали таа ќе се применува од годинава или од наредната година.
– Ценовникот го носи АД „Водостопанство“, а владата само го одобрува тој ценовник. По моја иницијатива ќе биде разгледан овој ценовник, бидејќи знаеме дека долги години не е менуван. Сметам дека е потребно усогласување на цената со трошоците за работа на Друштвото. Не смееме да дозволиме Друштвото да трупа загуби кои ќе ги плаќаме ние, но истовремено не смееме да дозволиме земјоделците да бидат доведени во незавидна состојба во период на сезона на наводнување. Треба да одлучиме дали оваа цена ќе важи од годинава или ќе има одложена за следната сезона за наводнување – рече Николовски.
Николовски соопшти дека Министерството за земјоделство го решило проблемот со наводнувањето на Овче Поле, но рече дека тоа е надлежност на АД „Водостопанство“.
– Нашите екипи заедно со полициска асистенција ја доведоа водата до корисниците кои плаќаат за водоснабдување, но АД „Водостопанство“ треба да го реши проблемот со оние кои диво се вклучиле во системот. Сите што плаќаат вода треба да добијат вода до нивите – рече Николовски.