Палестинскиот претседател Махмуд Абас ги наведе условите неопходни за палестинската управа да ја преземе контролата врз Газа. Во интервју за египетскиот канал „Он“ (ON) , Абас спомна три услови. Тој ја нагласи потребата од целосен прекин на нападите, испорака на хуманитарна помош и спречување на раселување на Палестинците.
Палестинскиот претседател рече дека кога Израел ќе се повлече од Газа, палестинската управа ќе биде подготвена да преземе одговорност и контрола над Газа, Западниот Брег и Ерусалим, како единствена палестинска држава.
Тој изрази и подготвеност за меѓународна конференција во секое време.
– Израел сака да остане тука и да одвои делови од палестинските територии. Сепак, светот тоа не го прифаќа. Теоретски против тоа се и САД – потенцира Абас.
Тој спомена дека во тек се разговори за прекин на огнот. Најави и состанок на кој ќе учествуваат ОАЕ, Катар и други земји, на кој ќе се разговара за прашањето за прекин на огнот и за повоениот патоказ.
– Израел, (премиерот Бенјамин) Нетанјаху и актуелната влада планираат да се ослободат од Палестинците и палестинската администрација – рече тој.
Тој ја спомена поддршката на Соединетите Американски Држави за Израел.
– Американците велат дека Израел не ги слуша. Ние не им веруваме. Тоа што се случува во Газа не се случило никаде на друго место во светот. Ситуацијата е полоша од Накба од 1948. Милијарди долари се потребни за да се започне нов живот во Газа – потенцираше Абас.
И покрај предизвиците, Абас изрази надеж за подобра иднина за Газа, нагласувајќи дека светот треба да го признае правото на палестинскиот народ на слобода и независност.
фото: МИА