Палестинската власт е подготвена за преговори со Израел за конечниот статус во рамки на мировна конференција, изјави палестинскиот претседател Махмуд Абас.
– Државата Палестина формулираше политичка визија и подготви „насоки“, одобрени од групата од 6 арапски држави и претставена на разгледување во САД, Европската унија и членките на Советот за безбедност на ОН. Во нејзината суштина лежи сеопфатно политичко решение што предвидува крај на израелското присуство во Појасот Газа – изјави Абас.
Тој нагласи дека предложеното решение подразбира „почеток на преговори за конечниот статус со израелската страна во рамките на меѓународната мировна конференција во согласност со одредена временска рамка и развој на регионален безбедносен механизам“.
Тој додаде дека во рамките на тоа решение, палестинската национална администрација е подготвена да ги извршува своите функции на територијата на Појасот Газа и бара прекин на сите еднострани непријателски дејства на Израел на Западниот брег на реката Јордан и во Ерусалим.