Командантот на првиот баталјон на украинската единицата „Азов“ почина по шест месеци заробеништво од страна на Русите. Олех Мудрак беше фатен откако Русите влегоа во фабриката „Азовстал“ во градот Мариупол, при големата опсада на градот. Веста за неговата смрт ја обзнани неговиот внук Данило постирајќи слика во која се гледа колку нагло ослабел Мудрак во тој период.
Сепак, причината за смртта на својот роднина Данило не ја откри. При опсадата на пристаништниот град Мариупол во мај лани припадниците на „Азов“ се предадоа. Мудрак бил вратен во септември како дел од размената на затвореници меѓу Русија и Украина.
„Сакам да бидам човек достоен за (вујко ми) Олех, да ме гледа од Валхала и да чувствува само гордост за мене. Секогаш велеше дека не сака неговата смрт да биде „празник со солзи“. Тој сакаше неговите луѓе да се соберат заедно и насмеано да се сеќаваат на најдобрите моменти поврзани со него. Единствените зборови на кои сега можам да мислам се овие. Живејте така што стравот од смртта никогаш да не ви го збуни срцето. Не спречувајте никого да верува во она што го верува. Почитувајте ги другите, нивните ставови и барајте ја истата почит кон себе“, напиша Данило простувајќи се од вујкото.
Единицата „Азовстал“ ја следат контроверзии поради нацистичките симболи кои дел од нивните членови ги носат на униформите или пак се сликаат со нив. Освен што се активни на терен, како самоорганизирана пешадија, тие имаат свои претставници во украинскиот парламент и се прилично влијателни во политиката.
Мудрак, го бранеше Мариупол уште во 2014 година, кога Русите го зазедоа полуостровот Крим.
Веста за неговата смрт ја пренесоа повеќе медиуми. Некои објави на Твитер пишуваат дека тој бил заробен 100 дена, односно од мај до септември лани, додека други, како објавата на Антон Герашченко, кој е помасовно споделувана, зборува за шест месеци.