Претседателот Владимир Путин во денешното обраќање упати нуклеарно предупредување до Западот во врска со Украина, суспендирајќи го билатералниот договор „Нов СТАРТ“ со САД за ограничување на нуклеарните боеви глави, јави Ројтерс.
– Принуден сум денеска да објавам дека Русија го суспендира своето учество во Договорот за намалување на стратешкото оружје – изјави Путин пред политичката и воената елита на неговата земја.
Рускиот лидер рече, без да наведува докази, дека некои луѓе во Вашингтон размислуваат за продолжување на нуклеарните тестирања. Затоа, руското Министерство за одбрана и нуклеарната корпорација треба да бидат подготвени да тестираат руско нуклеарно оружје доколку е потребно, рече тој.
– Се разбира, ние нема први ова да го направиме. Но, ако САД спроведат тестови, тогаш ќе го направиме. Никој не треба да има опасни илузии дека глобалниот стратешки паритет може да биде уништен – рече Путин.