Легендата на џез-сцената и еден од најталентираните мултиинструменталисти на овие простори, Вељко Николиќ, попознат како Папа Ник, почина на 68-годишна возраст.
Легендата на локалната џез-сцена, Вељко Николиќ, заедно со Срѓан Алексиќ Фрапарега, во 1974 година ја основаа групата Институт, која имаше пионерски напори кога станува збор за експерименталниот етно-џез во нашето поднебје.
Папа Ник важеше и за еден од иницијаторите на жанрот „светска музика“ кај нас, со оглед на тоа што во својата музика експериментираше со традиционалната африканска, индиска и балканска музика, пишува РТС.
Свиреше пијано и перкусии, но во текот на кариерата се етаблира како талентиран мултиинструменталист. Тој, исто така, свиреше на гитара, рекордер, саксофон, дури и се испроба во кинеската виолина и направи свои инструменти од широк спектар на материјали.
Во текот на кариерата соработуваше со Лало Ковачев, Милош Петровиќ, Малиша Драшкоци, Душан Богдановиќ, Борис Ковач, Бата Канда, Јован Маљоковиќ, Балканик, Боки Милошевиќ, Ренесанса, Риба во масло…
На веста за смртта на Вељко Николиќ реагираа многу негови колеги со кои тој соработуваше во текот на својата повеќедецениска кариера.
Групата „Риба во масло“ со која соработуваше, на својата Фејсбук страница му испрати последен поздрав.
„Го нема Вељко, човек со сто лица, илјада таленти и милион идеи, неисцрпна истражувачка енергија на градител, творец, уметник, страстен зоолог и ботаничар кој подеднакво бил фасциниран и вклучен и во микро и во макро Космос. … Ништо никогаш нема да биде исто како кога беше Вељко со нас. Се надевам само дека ќе собереме сила и храброст да продолжиме да живееме според неговите високохумани и уметнички бескомпромисни стандарди на кои ни ги довери сите додека сме живи… Патувај во мир Вељко, ќе дадеме се од себе!“, рече Риба во масло.
„Нашиот добар татко Ник. Патувај засекогаш со музика, пријателе“, напиша музичарот Васил Хаџиманов.