Обвинителството ги намали обвиненијата за убиство од небрежност против Алек Болдвин па е можна и помала затворска казна која холивудската ѕвезда би можела да ја добие за убиството за време на снимањето на „Рѓа“ во 2021 година, покажуваат документите на обвинителството.
Главната окружна обвинителка на Ново Мексико, Мери Кармак-Алтвис, минатиот месец ги обвини Болдвин и задолжената за оружје на сетот Хана Гутиерез-Рид за две точки од обвинението за убиство од небрежност во смртта на снимателката Халина Хачинс. Најсериозната точка од обвинението предвидува потенцијална затворска казна од пет години.
Во петокот, Кармак-Алтвис поднесе изменето обвинение против Болдвин и Гутиерез-Рид, отстранувајќи го како отежителна околност фактот дека убиството е извршено со огнено оружје. Тоа значи дека затворската казна со минимум пет години сега е намалена на најмногу 18 месеци.
„За да се избегне понатамошно попречување на постапката за г-дин Болдвин и неговите адвокати, окружниот обвинител и специјалниот обвинител го отстранија додатокот огнено оружје од обвинението за ненамерно убиство во случајот со смртта на Халина Хачинс на сетот на „Рѓа“, наведува во соопштениетопортпаролката на првиот окружен обвинител Хедер Бруер.
Актерот ја отфрли одговорноста за убиството, велејќи дека никогаш не го повлекол чкрапалото и дека задача на Гутиерез-Рид и другите експерти за огнено оружје е да се уверат дека нема куршуми во него.
Гутиерез-Рид рече дека се уверила дека куршумите во пиштолот се лажни пред да му го предаде на првиот помошник режисер Дејв Холс. Холс му го предал револверот на Болдвин велејќи дека е „ладен“, што значи дека нема експлозивно полнење.
Според безбедносните упатства на филмската индустрија, актерите претпоставуваат дека нема вистински куршуми во огненото оружје, кои се строго забрането на сетови.