Бојан Јовановски, познат како Боки-13, осуден во судскиот случај „Рекет“, кој ја отслужува затворската казна во КПУ „Идризово“, тврди дека Кривичниот суд го фалсификувал потписот на покојниот судија Огнен Ставрев на Решението на судот од 31 јануари годинава со кое се одбива неговото барање да му биде прекинато издржувањето на затворската казна поради влошена здравствена состојба.
„Добив судско решение за кое изразувам основано сомневање дека е фалсификувано и антидатирано под директна наредба од страна на претседателот на Основниот кривичен суд Иван Џолев. Судското решение кое е со датум од 31. јануари 2023 не е потпишано од страна на починатиот судија Огнен Ставрев, дотолку повеќе што видно од решението се гледа потпис со апостроф, кој не коинцидира со потписот на покојниот судија. Оттука се наметнува прашањето заради кои причини судијата, кој бил на работа до 03 февруари годинава, пред да почине на 04. февруари, не го потпишал решението кое го донел и заради кои причини веднаш не го верифицирал истото во акмис системот согласно закон и судскиот деловник за работа? Важно за напомена е дека покојниот судија се до 03 февруари беше во активна и секојдневна комуникација со мојот бранител Владимир Туфеџиќ во врска со постапката и истиот примаше дополненија на барањето и нови докази се до 03. февруари, за што поседуваме докази со приемен печат од судот. Ова е надвор од здрава логика“ – пишува Јовановски во соопштение.
Тој вели дека за ова се информирани ОЈО за ГОКК, Судскиот совет на Р.С. Македонија, Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур, како и амбасадата на САД во земјава и други меѓународни и домашни организации.