Флота од шпионски сателити ќе му помогне на НАТО во вселенската трка. Алијансата најави дека 16 земји-членки ќе влезат во проектот наречен Постојан надзор на Алијансата од вселената, на скратено АПСС. Меѓу земјите се и Шведска и Финска кои моментално чекаат за влез во сојузот.
Меѓу 16-те земји кои ќе учествуваат се и нашиот јужен и источен сосед. Земјите се: Белгија, Бугарија, Канада, Франција, Грција, Унгарија, Италија, Луксембург, Холандија, Норвешка, Полска, Романија, Шпанија, Турција, Обединетото Кралство и Соединетите Американски Држави.
Со проектот ќе се создаде „соѕвездие“ од сателити наречено „Аквила“ кое треба да обезбедни суштинска поддршка за воените мисии и операции на НАТО. Проектот е усвоен уште од 2019 година, а во 2021 година НАТО веќе се спречка со Москва, откако го осуди како непромислен рускиот антисателитски ракетен тест.
Руската ракета тогаш погоди нефункционален сателит од советската ера.
Одговор стигна и од Москва. Константин Воронцов, заменик директор на Дирекцијата за неширење и контрола на оружјето во руското Министерство за надворешни работи, во четвртокот рече дека САД го вооружуваат просторот и ги бришат границите меѓу она што претставува воена и што претставува цивилна инфраструктура околу планетата Земја.
– Американската употреба на вселенски летала во корист на другите нации на бојното поле всушност е форма на учество во посредни конфликти – рече Воронцов, додавајќи дека „квазицивилната вселенска инфраструктура“ може да се соочи со „одмазда“.
– Во најмала рака, таквата провокативна употреба на цивилни сателити е сомнителна според Договорот за вселената ( од 1967 година) – додава тој.
Во меѓувреме, над Северна Америка се појавија четири незнајни објекти, меѓу кои еден кинески балон, за кој САД тврдат дека е дел од поголема разузнавачка операција на Кина. Пекинг, од своја страна излезе со обвинување дека Американците летале вакви балони 10 пати над кинеска територија.
Јапонија исто така рече дека кинески балони во минатите години биле забележани над нејзина територија. Изминатите денови во Романија беше вклучен алармот за забележан незнаен објект кој исчезнал кога разузнавачките авиони дошле на повикот за да го соборат.
Се очекува денеска американскиот претседател Џо Бајден да даде брифинг за пронајдените остатоци од незнајните објекти во океанот.