Премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ изјави дека засега нема извештаи за сериозни штети од земјотресот што утринава се случи на островот Крк со интензитет од 4,8 степени според Рихтеровата скала.
– Според информациите со кои моментално располагаме, нема извештаи за сериозни штети, а Владата и сите служби се достапни доколку тоа биде потребно – изјави Пленковиќ.
Сеизмолошката служба на Хрватска соопшти дека утрово во 10 часот и 47 минути е регистриран земјотрес со интензитет од 4,8 степени со епицентар кај Башчанска Драга на Крк.
Земјотресот е почувствуван во поширокото подрачје на Кварнер и Истра, но и во централните делови на државата.