Спасувачите во Турција успеаја да извлечат од урнатините маж на 74-годишна возраст, речиси десет дена по разорниот земјотрес, јавија турски медиуми.
Ќамил Кекец денеска беше извлечен од уништената зграда каде што бил заробен од 6 февруари кога удри првиот разорен земјотрес во Турција и во Сирија. Тој под урнатините, без храна и вода, и во студ поминал точно 227 часа. Човекот итно е пренесен во болница, но засега нема информации за неговата здравствена состојба.
Претходно неговата сонародничка Фатма Гунгор (77) беше извлечена откако помина 212 часа под урнатините. Неколку часа подоцна спасувачите ја пронајдоа и ја спасија 42-годишната Мелике Имамоглу.
Според последните пресметки повеќе од 41.000 луѓе загинаа во серијата земјотреси што ги погодија Турција и Сирија. Се смета дека голем број починати се уште се наоѓаат под урнатините.