Алкалоид АД Скопје во следните две години ќе ја поддржува Македонската таеквондо федерација чии претставинци ќе се борат да остварат олимписка норма, меѓу кои е и освојувачот на сребрен медал од Токио, Дејан Георгиевски.
– Македонското таеквондо е сериозна спортска приказна која цели кон освојување на највисоките спортски одличја – олимписките медали. Даваме сѐ од себе за успешно да ја прикажеме Макеоднија, како што беше во Токио – рече таеквондистот Георгиевски, кој се заблагодари на поддршката од Алкалоид.
Годинава тој освои медал на Президент Купот во Турција, а му претстојат уште многу турнири.
Младите надежи во таеквондо, генералниот директор на Алкалоид, Живко Мукаетов, ги оцени како бисери на македонскиот спорт.
– Тоа се прекрасни млади луѓе, кои се посветени на растот и на развојот, нешто што треба да го правиме сите ние. Многу сум среќен кога ќе видам луѓе кои се посветени. Убеден сум дека ќе создадат уште многу приказни со кои ќе бидеме горди. За нас како компанија која е општествено одговорна и на која спортот ѝ е приоритет, е многу важно што се вклучуваме во овој спорт. Навистина е голема радост тоа што го направи Дејан на Олимпијадата. Јас сум оптимист дека ќе освоиме нови медали – рече Мукаетов.
Поддршката од Алкалоид ќе ги покрие сите патувања и настапи на кои таеквондистите ќе се борат за олимписка норма за следната Олимпијада во Париз во 2024 година.
Претседателот на таеквондо федерацијата, Борче Костовски, се заблагодари на поддршката од Алкалоид.
– Благодарност до Мукаетов, кој е човек што со широко срце му помага на македонскиот спорт. Тој ја препозна нашата приказна и потенцијалот. Заедно ќе бидеме успешни во иднина. Оваа година ја почнавме силно, Дејан освои медал на Президент Купот, а во следниот период нè очекуваат силни турнири. Се бориме за норми во Париз, се надевам дека ќе го оствариме тоа – рече тренерот Костовски.