Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков е избран за претседател на Советот за развој на Југозападниот плански регион на редовната седница на советот, која се одржа денеска во Струга. Согласно Законот за рамномерен регионален развој, градоначалникот Пецаков ќе биде на оваа функција со мандат од една година.
Во своето обраќање пред присутните, градоначалникот Пецаков се заблагодари за изборот и нагласи дека ќе биде отворен за соработка во насока на обезбедување на што повеќе средства за имплементација на проекти во Југозападниот регион, особено во руралните средини. Тој ја оцени работатат на Советот како позитивна бидејќи заеднички се реализираат значајни регионални проекти кои ги подобруваат условите во повеќе сфери од живеењето.
Тој потенцираше дека во време на кризни состојби со кои се соочуваат единиците на локална самоуправа и општинските јавни претпријатија, потребно е да се мобилизираат сите субјекти со цел да се надминат проблемите и да се подобри квалитетот на услугите кон граѓаните.
Советот на денешната редовна седница ја утврди листата на регионални проекти со кои Центарот за развој на југозападниот плански регион ќе аплицира кај домашните и меѓународните донатори во текот на оваа година.