Петицијата за промена на името на Русија во „Москва“ ги собра потребните 25.000 гласови за нејзино официјално разгледување. Таа беше објавена на веб-страницата на украинскиот претседател Володимир Зеленски лани во ноември.
Нејзините автори бараат за употреба внатре во Украина имињата „Русија“ и „Руска федерација“ да се заменат со „Москва“ и „Федерација на Москва“, како и сите зборови со коренот „Русија“ да се сменат во соодветни варијации на терминот „Москва“, на пример „руско“ би било „московско“ итн.
Според правилата, шефот на државата ќе треба официјално да одговори на повикот на граѓаните. Доколку биде одобрено, претседателот на Украина ќе поднесе до Врховната Рада во Украина законски предлози насочени кон решавање на прашањата покренати во петицијата.
Претходно, на 13 февруари, се дозна дека во регионот Полтава во Украина се сменети имињата на 90 улици и плоштади поврзани со Русија и со СССР. На пример, улиците во чест на Александар Пушкин, Иван Мичурин или Јуриј Гагарин беа сменети.
Во ноември, во Украина беше поднесена и петиција за забрана на руските државјани да влезат во земјата на 100 години. Од 1 јули, со указ на Зеленски, Украина има визен режим со Руската Федерација.