Српските и косовските лидери ќе „направат тешки компромиси“ со цел да се нормализираат односите меѓу Белград и Приштина, што ќе донесе безбедност и просперитет за сите граѓани на Западен Балкан, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен, честитајќи и на Србија за нејзиниот национален ден.
„Во име на Соединетите Држави, сакам да му го честитам на народот на Србија Денот на државноста“, рече Блинкен, се вели во соопштението на Стејт департментот.
„Убеден сум дека нормализацијата на односите меѓу Србија и Косово ќе донесе безбедност и просперитет за Србија и за сите граѓани на Западен Балкан. Српските и косовските лидери ќе направат тешки компромиси за да ги постигнат овие цели, но наградите за српскиот народ – и за целиот регион – ќе бидат огромни“, рече Блинкен.
Блинкен изјави дека САД го ценат стратешкото партнерство што го имаат со Србија со цел постабилна, посигурна и просперитетна иднина за сите граѓани на Западен Балкан, како и дека САД силно ги поддржуваат европските амбиции на Србија.
„Ние сме посветени да работиме со вас и нашите партнери од Европската унија (ЕУ) за да ја постигнеме оваа важна цел“, рече американскиот државен секретар.
Блинкен апелираше до Србија да ја поддржи Украина против руската „неиспровоцирана, неоправдана и брутална војна“.
„САД ги поздравија пораките на Србија за поддршка на Украина во Обединетите нации. Мора да бидеме обединети да го поддржиме правото на украинскиот народ да ја избере својата иднина“, рече Блинкен.
Американскиот државен секретар изрази задоволство од неодамнешното потпишување на Меморандумот за разбирање меѓу Министерството за надворешни работи на Србија и Стејт департментот, кој, како што рече, „ќе поттикне подобро разбирање на надворешнополитичките цели и задачи, ќе создаде нови канали на комуникација и градење трајни партнерства“.