Познатата турска актерка и манекенка Кансу Дере ги загрижи своите обожаватели откако во локалните медиуми се појави информација дека исчезнала по страшниот земјотрес што минатата недела ги зафати регионот на Турција и Сирија.
Наводно, во епицентарот на земјотресот била и нејзината куќа, а веста дека исчезнала или можеби го загубила животот ги загрижила и нејзините колеги кои не можеле да остварат контакт со неа.
Кансу Дере е позната по бројните улоги во турските серии, а најзапаметена кај гледачите е Ејшан од серијата „Езел“.
Меѓутоа, во меѓувреме новинарката Бирсен Алтунтас изјави дека актерката е добра и здрава и ќе биде дел од иницијативата за собирање средства за помош на настраданите и повредените во земјотресот.
Имено, Дизни Плус и ФОКС решија да им помогнат на семејствата кои настрадаа од земјотресот кој се случи на 6 февруари, а новинарката изјави дека Кансу Дере ќе биде една од познатите турски личности кои ќе се приклучат на оваа акција.
Без разлика на оваа вест, фановите не се смируваат бидејќи сметаат дека не е можно Кансу Дере јавно да не се обратила по разорниот земјотрес и да ги увери дека е добро.
Да потсетиме, бројот на жртвите од катастрофалниот земјотрес во Турција и Сирија според последните податоци се искачи на 37.000. Повеќе од 1,2 милиони луѓе останаа без покрив над главата. Десетици илјади спасувачи ги пребаруваат урнатините на екстремен студ, што ја усложнува ситуацијата по двата силни земјотреси со јачина од 7,8 и 7,5 степени според Рихтер, кои ги погодија Турција и Сирија пред осум дена.