Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски ја повика Антикорупциска комисија да го испита случајот со куќата скопската населба Тафталиџе која лидерот на Алијанса за Албанците ја купил за 153.000 евра, бидејќи како што кажа се сомневаат дека таа му е подарок за да го зголеми парламентарното мнозинство и да влезе во Владата.
– Премиерот Ковачевски имаше бледо обраќање со многу флоскули, но без суштина. Па да погледнеме на суштината, дебатираме за еден коалициски партнер кој излегува од Владата и еден кој сега влегува во Владата. Ако не знаете како изгледа политичка корупција и проституција еве ја денес на сцена затоа што во Македонија. Изборите губат смисла, која е поентата на избори ако сите сакаат во Влада, која е поентата Алијанса да се бори против ДУИ на избори ако сакаат да се во иста Влада. Тоа не е никако поинаку освен политичка корупција и проституција и тоа од оние кои велат дека ќе се борат со криминал и корупција кога влегуваат во Влада која според сите извештаи е најкорумпирана, тоа Влада која има јасно најслаб перформанс – рече Николоски.
Тој додаде дека овој Арбен Таравари, не го познавам, дали се работи за уцена и која е природата на таа уцена, и дали цената е една убава куќа во Тафталиџе која ја доби Таравари на поклон.
– Зошто дали е тоа цената, затоа што навел дека куќа од 256 квадрати ја платил 150 илјади евра, како во центарот на Скопје се купува куќа по 500 евра квадрат и дали воопшто тие пари се платени зошто нема трансакција, дали една од цените е куќата. Ако го отворите имотниот лист на министерот за финансии Фатмир Бесими кој му е комшија, а кој пријавил куќа од 410 квадратни метри во вредност од 110 илјади евра. Па како се купува ваква квадратура за оваа цена. Двајцата треба да дадат одговор, а Антикорупциска да испита како се случило ова функционери да плаќаат куќа и квадрат за истата од 200 до 500 евра, а граѓаните за 1000 до 2000 евра квадрат – рече Николоски.
Според него „промените незапирливо доаѓаат, сите се свесни дека ова нема да трае, или бегате од избори зошто ова ќе пропадне оваа Влада, на следните избори ќе паднете, следните избори ќе бидат чистилиште за функционерите, свесни сте дека ова е последно и затоа сите бегате од избори”.
Николоски укажа дека има епско бегање од избори какво што никој не видел до сега.
– Ако е нешто заедничко тоа е масовното бегање од избори, свесни се што мисли народот и како ќе поминат на изборите. Македонија стана држава рекордер која не може да испечати учебници, а учебната година завршува. Ова е влада на континуитет на криминалот и корупцијата, ова е влада која ќе заврши како најнеуспешна, доаѓа крајот на оваа елита – укажа Николоски.
Николоски му порача на Снопче дека благодарение на гласовите на ВМРО-ДПМНЕ, Таравари победил во општина Гостивар, додавајќи дека нелогично е што Таравари добива на поклон куќа во Скопје, а не во Гостивар, прашувајќи го дали ќе се смени Деталниот урбанистички план во Гостивар за да може Таравари каде што има парк заедно со неговиот братучед да гради згради.
– Јас не се сеќавам дека ниту една од овие работи која што ја кажавте на господинот Таравари му сметаа на изборите во Гостивар кога не молеше да го поддржиме со цел да го победи Бејта на избори, иначе ќе изгубеше. Да не беа нашите гласови сега Невзат Бејта ќе беше градоначалник на Гостивар, немаше да е Арбен Таравари и затоа е нелогично што добива куќи на поклон во Скопје, а не во Гостивар, затоа што и самиот очигледно не верува во градот кој што го води – рече Николоски.
Бонус прашање е дали ќе терате промена на ДУП со цел во паркот го Гостивар Арбен Таравари и братучед му да градат згради, го праша Николоски, пратеникот Снопче.