Косовскиот премиер Албин Курти денеска на седницата на Собранието на Косово, на која го поднесува извештајот за дијалогот меѓу Косово и Србија, изјави дека е прифатен француско-германскиот предлог, бидејќи во спротивно Косово ќе влезе во конфронтација со сојузниците, пренесе Бета.
Курти пред пратениците нагласи дека на состанокот на 20 јануари во Приштина меѓународните емисари јасно ставиле до знаење дека овој предлог е многу блиску до форматот „земи или остави“.
– На 20 јануари 2023 година, меѓународните емисари кои го придружуваа посредникот (ЕУ Мирослав) Лајчак, односно американските, германските, француските и италијанските емисари, ми дадоа некои позиции на овој последен состанок. Тие јасно ми ставија до знаење дека главниот Предлог е близок до форматот „остави или земи – рече Курти.
Тој додаде дека нема да се дозволи да се преговара.
– Нивниот став беше дека целиот дипломатски и политички апарат на земјите од кои доаѓаат емисарите е поставен во поддршка на членството на Косово во меѓународните организации и не можеме да очекуваме ‘не’ од Косово бидејќи ќе влеземе на патот на конфронтација со нив – рече Курти.
Според него, владата на Косово го изградила својот стратешки пристап кон дијалогот врз две првични цели, од кои едната била да се прекине практиката на вклучување на секое потенцијално спорно прашање меѓу страните во дијалогот.
Курти во своето обраќање пред пратениците рече и дека Заедницата на општините со српско мнозинство (ЗСО) не може да се формира доколку не се почитуваат шесте принципи што ги изнесе на претходната седница на косовскиот Парламент.
Зборувајќи за содржината на француско-германскиот предлог, Курти рече дека тој првпат е фокусиран на надворешните односи на Косово и дека има јасна вредност и универзален јазик.
– Предлогот го дефинираше признавањето на страните и принципот на територијален интегритет. Предлогот вклучуваше откажување на Србија од опструкцијата на Косово во која било меѓународна организација. Предлогот вклучуваше признавање на документите вклучително и пасошите. Предлогот содржеше две норми поврзани со правата на српската заедница. А, во последната точка беше утврдено правилото за спроведување на постигнатите договори – рече косовскиот премиер.
Курти рече дека тој и владата на Косово сметаат дека предлогот е добра основа за продолжување на дијалогот и постигнување договор.
– Предлогот првпат предвидува фактичко признавање на страните. Тој содржи конечен договор за меѓусебно признавање кој треба да се постигне во блиска иднина – рече Курти.