Се очекува НАТО да побара од своите членки да ги зголемат резервите муниција, кои се многу потрошени во војната во Украина, додека сојузниците се обидуваат да го снабдат со оружје Киев, но и да ги зајакнат сопствените армии една година по почетокот на руската инвазија на Украина.
Дури и пред руската инвазија на Украина, многу земји од НАТО не успеаја да ги исполнат целите на Алијансата за складирање резерви, бидејќи официјални претставници сметаа дека војните со големи артилериски битки се минато.
Сепак, темпото на испораки во Украина, каде киевските војници истрелуваат до 10.000 артилериски гранати дневно, ги исцрпи резервите на Западот и ги откри недостатоците во ефикасноста и брзината на синџирите на снабдување.
– Доколку Европа се бори против Русија, некои земји ќе останат без муниција за неколку дена – изјави европски дипломат.
НАТО штотуку го заврши вонредното истражување на преостанатите резерви муниција, изјави претставник на НАТО, кој сакаше да остане анонимен.
– Целите на НАТО во врска со муницијата што ги поставивме, а секој сојузник има одредена цел, главно не беа исполнети пред војната во Украина – рече претставникот.
Тој нагласи дека резервите сега се уште помали поради конфликтот во Украина, така што многу веројатно е НАТО да ги подигне нивоата на целите за резервите на муниција на своите членки.