Платеници од руската паравоена група Вагнер, заедно со српски паравоени формации, шверцуваат оружје и неозначени воени униформи во Косово, изјави косовската претседателка Вјоса Османи за британски Телеграф.
Тајната операција е дизајнирана, тврди Османи во интервју за британскиот весник, за да се постават темелите за потенцијален хибриден напад од Србија на територијата на Косово.
Овие наводни подготовки на Србија се одвивале паралелно уште од руската анексија на Крим во 2014 година, кога руски војници во униформи без никакви ознаки, наречени „мали зелени човечиња“, го подготвија патот за отцепување на полуостровот од Москва, пренесува српскиот весник „Данас“.
-Тие носат оружје и униформи, но формално не се дел од српската војска. Србија сака да ги постигне своите цели без да ја нарече воена операција – рече Османи.
Целта на Србија е „да ја подготви ситуацијата за можна анексија – не преку традиционална воена операција, туку преку хибриден тип на напад“, тврди косовската претседателка.
-Ако погледнете што направи Путин во 2014 година, тоа е од истата книга. Прво ги инструментализираше Русите кои живееја таму, потоа правеше секакви лажни операции и потоа ги испрати овие паравоени групи. Има јасни докази дека српските паравоени групи го планирале и организирале ова (со Вагнер). Колку од нив имало на граница или на територијата на Косово е прашање што се уште се истражува – вели таа.
-Нивните намери беа очигледно агресивни.Тие градат ровови и барикади во воен стил. Од оној тип што би можеле да го користат за да се борат – посочува за „Телеграф“ шефицата на косовската држава.
Србија досега неколкупати негираше дека платеници од Вагнер групата имале некаква улога во конфликтот со Косово.
Коментирајќи ги тврдењата дека српскиот претседател Александар Вучиќ не би се осмелил да изведе напад каде што е распореден КФОР, Османи вели дека не е толку убедена.
-Два или три дена пред инвазијата на Украина, слушнав толку многу светски лидери како велат: „Путин не е толку глупав, нема да го направи тоа“. Така слушаме сега за Вучиќ – „не е толку глупав, нема да го направи тоа“ – рече Османи.
Фактот дека Кфор е во Косово „не значи дека Вучиќ никогаш не би се обидел. Не велам дека ќе го направат тоа, но секогаш треба да бидеме подготвени да спречиме такво сценарио“, рече таа.
-Интересот на Русија е да го искористи Западен Балкан, преку Србија како тројански коњ, за да ги нападне системите засновани на вредности како НАТО и ЕУ, вели Османи.
-Колку повеќе безбедносни тензии создаваат, толку се помали нашите шанси да влеземе во ЕУ. Некогаш тоа го прават во Црна Гора, некогаш во Босна и Херцеговина, некогаш во Косово, а проблеми создаваа и во Северна Македонија, истакнува Вјоса Османи.
Таа ја обвини Србија дека Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина ги гледа како „привремени земји“ кои Белград сака повторно да ги апсорбира.