Додека Приштина не ги исполни обврските од претходните договори, можам да одам во Брисел само како турист, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ. Со ова тој реагираше на повикот во Брисел да се сретне со косовскит премиер Албин Курти „наскоро, за неколку недели“ и да го разгледаат германско-францускиот предлог кој „е на маса“ и „поддржан од Вашингтон“.
Поканата за средбата стигна од шефот на европската дипломатија Жозеф Борел. Вучиќ одговори:
– Ако ми се јавувате, известете ме дека го доставиле ЗСО. Кога ќе го достават, ќе дојдам да разговараме за сè друго.
Приштина, од друга страна постави шест услови за формирање нан Заедницата на српски општини. Меѓу нив е условот ЗСО да не се заснова исклучиво на етничка основа и да биде во согласност со Уставот на Косово.
Вучиќ во четвртокот го потврди ставот на Белград за можниот патоказ за продолжување на дијалогот. Курти пак, вчера пред косовскиот парламент истакна дека го прифаќа германско-францускиот предлог како основен договор, а не како правно-обврзувачки. Тој рече и дека предлогот не е „земи или остави“.
Вучиќ минатата недела беше на тапет во својата земја и наречен предавник. Тој во српскиот парламент трипати им повтори на претставниците дека нема да ја признае независноста на Косово ниту приемот во ОН. Во случајот со Курти, тој вели дека конечно решение би било меѓусебното признавање.
Србија е пред политички рокади во власта, па дури и можни предвремени избори кои на Вучиќ би му купиле време и поддршката која аналитичарите велат дека би ја немал ако се оди на референдум за предлогот за Косово. Од другата страна на границата, се шпекулира дека Курти би можел да поведе демонстрации на Косово против предлогот.
Независноста на Косово ја признаваат водечките западни земји. Сепак, Косово не е признаено од Кина, Русија, Ватикан и пет земји-членки на ЕУ.