Русија во петокот започна нов бран ракетни напади врз енергетската инфраструктура ширум Украина, што предизвика прекин на електричната енергија и ограничени снабдувања со вода и го натера Киев да побара дополнително оружје од западните земји.
Најмалку 17 проектили паднаа врз југоисточниот град Запорожје за само еден час, што е најтешкиот напад од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари минатата година, соопштија локалните власти.
Државниот снабдувач со електрична енергија Укренерго објави дека енергетските капацитети биле оштетени во источниот, јужниот и западниот дел на Украина по нападите со беспилотни летала и проектили.
Според досегашните информации, нема загинати, но гувернерот на регионот Харков, Олех Снехубов изјави дека се ранети седум лица.
„Харков сè уште е под непријателски ракетен оган. Неодамна можеше да се слушне уште една експлозија. Тие се насочени кон инфраструктурата за производство на енергија“, напиша тој на Телеграм.
Новите руски напади уследија по реткото патување на украинскиот претседател Володимир Зеленски во странство оваа недела.
Зеленски разговараше со лидерите на земјите-членки на ЕУ во Брисел за испраќање дополнително оружје во Украина, вклучително и авиони.
„Русија цела ноќ и утро ги напаѓа украинските градови“, напиша на Твитер претседателскиот советник Михајло Подољак.
„Доста е муабет и политичко двоумење. Потребни ни се брзи и важни одлуки: проектили со долг дострел, борбени авиони и оперативна логистичка опрема за Украина“, додаде тој.
Валериј Залужни, врховен командант на украинската армија, изјави дека два руски ракети „Калибр“, истрелани од Црното Море, поминале низ воздушниот простор на Молдавија и Романија пред да влезат во украинскиот воздушен простор.
Ројтерс не можеше да го потврди тоа тврдење. Русија не го коментираше ова тврдење, а романското Министерство за одбрана објави дека ракетите поминале низ молдавскиот, но не и романскиот воздушен простор.
Оштетен енергетски систем
Русија во последниве месеци постојано ја гаѓаше енергетската инфраструктура на Украина. Како резултат на тоа, милиони повремено беа без струја, топлина или вода во текот на студените зимски месеци.
Најмалку три експлозии го потресоа Киев и околниот регион, а властите соопштија дека системи за противвоздушна одбрана функционираат во главниот град и во другите делови на земјата.
Отпадоци од проектил оштетиле приватна куќа, два автомобили и електричната мрежа во областа Холосивски во главниот град на Украина, соопштија градските власти.
Градоначалникот на Киев ги повика жителите да останат во засолништа.
Градоначалникот на Харков, најголемиот град во источна Украина, потврди дека е погоден инфраструктурен објект и предупреди на можен недостиг на електрична енергија како резултат на тоа.
Околу 150.000 луѓе во Харков останаа без струја, соопштија властите.
Критична инфраструктура беше погодена и во Хмелницки во западна Украина и во регионот Дњепропетровск во централна Украина, соопштија регионалните власти.
Портпаролот на воздухопловните сили Јуриј Ихнат изјави за украинската телевизија дека украинската противвоздушна одбрана соборила пет од седумте беспилотни летала и пет од шесте ракети Калибр.
Воздухопловните сили објавија и дека 35 ракети биле лансирани од системот С-300 во регионите Харков и Запорожје.
Украинската воздушна одбрана не е во состојба да го собори тој тип на проектил.