Дали некој, кој, и покрај барањето на Министерството за здравство не одобри пари за набавка на лекот „трикафта“, смета дека може да си го продолжи мандатот? Вака му возврати министерот за здравство д-р Беким Сали на премиерот Димитар Ковачевски, кој го повика на одговорност својот министер.
– Не можам да премолчам, ни како човек, ни како министер, кога врз грбот на една ваква трагедија се прави евтин обид за политички поени. Затоа, еве ги фактите. Факт е дека Министерството за здравство уште на 27.01 од Владата побара да се обезбедат средства за нова набавка на терапија за пациентите со цистична фиброза. Факт е дека и покрај барањето на Министерството, ниту Владата на РСМ, ниту премиерот Ковачевски лично, до вчера, не одлучија да се обезбедат тие средства. Факт е дека лек во доволни количини нема поради недонесувањето на таа одлука, а не поради Министерството за здравство – наведува Сали во писмената изјава пратена до медиумите.
Оттаму, вели тој, не ми е јасен обидот за префрлање на вината кон Министерството за здравство кога ниту обезбедувањето средства, ниту набавката на лекот не се во наша надлежност.
– Средствата се обезбедуваат од Фондот за здравствено осигурување, а набавката ја спроведува соодветната клиника. Но, дури ни тие не можат да постапат без одлука на Владата или без налог на премиерот. Затоа, мислам дека е неодговорно да си ја префрламе одговорноста. Кога би сакале да се натпреваруваме со политички изјави, јас исто така би можел да одговорам со прашање: дали некој, кој, и покрај барањето на Министерството за здравство не одобрил средства за лек на пациенти со ваква тешка болест, смета дека може да си го продолжи мандатот? Би можеле да прашаме и дали можеби премногу време и внимание се потроши на коалициски преговори, додека пациентите чекаа? Сепак, сметам дека ваквите популистички изјави се неумесни во ваква прилика – вели Сали.
Министерот додава дека знае дека политиката е сурова професија, но дека ние сепак политичарите имаа обврска да го задржат достоинството и човечноста.
– Сепак, сите ние сме потенцијални пациенти на јавното здравство, и мора да имаме чувство за маките на нашите сограѓани, без разлика на ограничените ресурси – додава министерот Сали, кој изрази најдлабоко сочувство до блиските на починатиот Благојче Илиевски.
– Навистина сум потресен што се случи ваква трагедија, и ниту едно објаснување или изјава од политичар нема да го врати тој живот – додаде Сали.
Премиерот Ковачевски денеска јавно му порача на министерот Сали: „Да размисли и да ми каже дали може да го продолжи својот мандат“.
– На министерот за здравство му кажав дека оваа ситуација е неприфатлива. Да размисли и да ми каже дали може да го продолжи својот мандат. Мојата одлука за кадровските прашања ќе ја донесам потоа. Јас немам намера да чекам низ бирократските лавиринти да се преземе нешто – рече Ковачевски.