Денеска сме позајмиле 600 милиони евра за да платиме стари долгови

Lorita
By Lorita 3 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Македонија денеска ја издаде деветтата еврообврзница во вредност од 600 милиони евра, која ќе се искористи исклучиво за финансирање на обврските по основ на стари долгови, кои доспеваат за отплата годинава, соопшти Министерството за финансии.

По основ на главница и камата, за сервисирање на стари долгови кон надворешни кредитори, годинава треба да исплатиме 594 милиони евра за главница, како и 138 милиони евра за камати. Од нив, најголемиот дел отпаѓа на седумгодишната еврообврзница издадена во 2016 година, и за која само оваа година треба да се исплатат 450 милиони евра со камата од дополнителни 25 милиони евра.

Поради доспеаните обврски, деветтата еврообврзница е издадена и покрај затегнатите услови на меѓународните пазари на капитал, за што сведочи и повеќекратното зголемување на референтните каматни стапки од големите централни банки.

„Купонската каматна стапка од 6,25% на годишно ниво, која денес е постигната, е пониска од пазарните каматни стапки на веќе издадените еврообврзници, со кои во моментов се тргува на меѓународните берзи. Таа е многу пониска и од каматните стапки, кои преовладуваа во последните месеци од овој период на енергетска криза, која сѐ уште трае, и кои се движеа над 8%“, се наведува во соопштението од Финансии.

Финансирањето на буџетскиот дефицит за годинава е обезбедено под уште поповолни услови преку Макро-финансиската помош на Европската комисија, Линијата за претпазливост и ликвидност на ММФ и други меѓународни институции, како Светската банка, Европската банка за обнова и развој и Европската инвестициска банка.

„Пристапот е, во услови на скапи финансиски пазари, да не се изврши задолжување за целиот одобрен износ до 800 милиони евра, туку само за износот за враќање на старите долгови. Рочноста на новата еврообврзница е само четири години, при што интенцијата е да се оди со пократок период на отплата (наместо, вообичаениот од седум години), за да се намали годишниот буџетски трошок за каматни плаќања“, додаваат од Министерството.

Побарувачката за деветтата еврообврзница е 2,5 пати поголема во однос на понудената сума. Каматата на издадената еврообврзница е на исто ниво со каматата на еврообврзниците со слична рочност од држави-членки на Унијата (како Унгарија и Романија) и кандидати за членство во ЕУ (Србија), кои ги издадоа од почетокот на годинава. Иако овие земји имаат подобар кредитен рејтинг, постигнатата купонска каматна стапка е на приближно исто ниво со онаа на деветтата еврообврзница, велат од Финансии.

Share This Article