Полскиот претседател Анджеј Дуда ги предупреди сите оние кои бараат поголем ангажман од НАТО и воена помош за Украина, дека Алијансата мора да дејствува трезвено и внимателно за да не избие Трета светска војна.
– Очигледно НАТО не е во војна бидејќи тоа може да значи Трета светска војна. НАТО мора да дејствува трезвено и претпазливо. Путин исто така дејствува претпазливо. Имајте предвид дека тој не ја напаѓа западна Украина, таму нема руски војници, рече полскиот претседател во интервју за провладиниот неделник „Сјеќи“ – пренесува Бета.
Според полскиот претседател, претпазливоста на Путин произлегува од стравот од судир со единиците на НАТО во случај некоја граната да ја премине границата и да удри на полска територија.
– Тоа би значело ставање на сите сили на НАТО во состојба на готовност веднаш. Путин исто така го знае тоа. Дали тоа би значело војна? Денес е тешко да се теоретизира. Ситуацијата во Студената војна се враќа, кога двете страни стравуваа од инцидент што ќе доведе до целосен конфликт – изјави претседателот Дуда.
Полскиот претседател оцени дека од воено-политички аспект Украинците веќе ја добиле оваа војна.
– Ако го споредиме она што го знаеме за руската и украинската армија, ова не требаше да траат долго. Не подолго од два или три дена. Благодарение на храброста, решителноста и искуството на Украинците, тие сепак успеаја да ги спречат Русите. Имаат поддршка – политичка, материјална и морална, НАТО не е во војна, тие се борат – рече полскиот претседател.