Пред два дена и ЕСМ повлекла струја која не била увезена

Lorita
By Lorita 11 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Енергетските капацитети се чини откажуваат во моментите кога се најпотребни. Скоро два месеца ТЕЦ Осломеј се вклучува и исклучува поради дефекти. Оваа термоцентрала била исклучена и пред два дена кога поради ниските температури земјава незаконски повлече 1.700 мегавати електрична енергија од европскиот систем. Слична е состојбата и со РЕК Битола. Месечно се регистрираат по неколку прекини на производството во блокот 1 кој и денеска е исклучен поради дефект, а среде зима е закажан ремонт на блокот 2. Најавени се и ремонти на хидроелектраните.

Сето ова покажува дека има хронична негрижа за енергетските капацитети, а летото не е искористено за нивно ставање во техничка кондиција, па земјава поради тоа ќе мора да увезува поголеми количини струја, а во критични моменти и да „краде“ струја од европскиот систем, велат експерти.

Владата тврди дека енергетските капацитети се во полна кондиција, а незаконското повлекување на струја од европскиот пазар во неделата не било само од ЕСМ, туку и од трговците со струја.

Енргетските капацитети не можат да издржат еден месец без дефект

– Веќе сум кажал дека е лесно да се каже дека се обезбедува струја кога во зима надвор температурата е 15 степени, но тешко е да се тврди истото кога последователно 4 дена температурите се под нулата. Жално е што нашите енергетски капацитети не можат да издржат еден месец без некаква хаварија. Капацитет е намален на 60 отсто производство, наспроти зголемената побарувачка на струја. Лекот е во увоз на струја, а гледаме дека се тврди дека сè е под контрола, потребите се задоволуваат и не се увезува струја, но во клучни моменти се краде од европскиот систем – вели професорот Константин Димитров.

Поранешниот раководител во РЕК Битола Спиро Мавровски смета дека негрижата за енергетските капацитети се покажува во зимските месеци кога поради зголемените потреби се форсира да се произведат поголеми количини.

– Состојбата може да се објасни само со еден пример. Ако колата што поминала 200.000 километри ја ремонтираш, таа ќе може да се вози уште толку, но ако не го сториш тоа можеш да се простиш од неа бидејќи ќе покажува повеќе дефекти од порано. Така е и со енергетските капацитети. Ако се ремонтираа навреме летоска, сега немаше да покажуваат толку проблеми, а дефектите кои се јавуваат полесно би се санирале бидејќи би биле ситни. Сега и ЕСМ признава дека поради пропуштените ремонти на блоковите имаме непланирани прекини во производството во периодот кога капацитетите се најпотребни. Цело лето работеше само еден блок. До крајот на јануари не беше инсталиран трансформаторот на блокот 3, а блокот 2 допрва ќе се ремонтира. Најстариот Блок 1 повремено ги покажува слабостите и сликата е веќе позната. Дополнително имаме некомпатибилни трансформатори во првиот и останатите блокови и се јавува резерва од 50 отсто, што не се случува во ниту една термоелектрана во светот. За Осломеј и да не зборуваме. Блокот не е обновен, а тоа повлекува чести дефекти – вели Мавровски.

Тој смета дека причина за задоцнетите ремонти и поправки во енергетските капацитети, покрај незнаењето, може да се рече, дека е и фактот што на ЕСМ ѝ се дадени дополнителни обврски со парното и управувањето со ТЕЦ Неготино.

Според него, доколку се почести испадите од системот на производните капацитети, многу почесто ќе повлекуваме дополнителни количини на струја од европскиот систем.

- Advertisement -
Ad image

– Повлекување од системот се случувало и порано, но не било во обем на ланските и сегашните повлекувања. Сега повлекувањата од системот се регистрираат и треба да се платат – вели Мавровски.

ЕСМ денеска соопшти дека причина за скусените ремонти на блоковите во РЕК Битола е енергетската криза.

„Потсетуваме дека поради енергетската криза во која се наоѓа земјата и потребата од постојано и зголемено производство на електрична енергија, ремонти и санација на блоковите не се изведуваат како што вообичаено се прави, со застои на производствениот процес на блок во период од 60 до 90 дена. Сите неопходни зафати во овој период се прават кога се апсолутно неопходни или кога ќе се укаже можност за тоа. Блок 2 и Блок 3 на РЕК Битола во моментов работат без проблеми. Ремонтни активности на Блок 2 се предвидени за следната недела“, соопшти ЕСМ.

- Advertisement -
Ad image

Македонија не може без увоз на струја

Професорот Димитров смета дека последното незаконско повлекување струја од европскиот систем, кое се случи во неделата,  најверојатно се случило поради фактот што приватните трговци не купуваат струја кога таа е по евтина тарифа, па целиот товар е оставен на домашните капацитети кои не можат да одговорат на потребите.

– Ние задоволуваме 60 отсто од потребните количини на струја, другото треба да се увезе, а ако не се увезе се повлекува од европскиот систем и тоа треба да се плати по соодветна цена. Логично е што тоа се случило во недела, кога струјата е евтина кога приватните трговци со струја, поради ниската цена на струјата во ноќните часови и во недела не тргуваат со струја, бидејќи немаат интерес, па сè е оставено на домашниот производител кој не може да ги произведе потребните количини на струја и за приватните компании. Тоа значи дека навреме треба да се увезат потребните количини струја, за да не се плаќаат високи цени за украденото од ЕУ. Не знаеме кој ги повлекол тие 1.700 мегавати, но тој што го сторил тоа ќе треба и да го плати – вели Димитров.

Кој ги повлекол овие киловати од Македонскиот преносен енергетски систем (МЕПСО), според директорот на компанијата Орхан Муртезани, ќе се знае по 45 до 60 денови кога ќе се добијат извештаите од читањето на струјомерите на ЕВН, но се знае дека струјата е повлечена во ноќните часови, кога домаќинствата трошат најмногу струја поради евтината тарифа.

Тој тврди дека во време на кражбата на струја од 1.700 мегавати на мрежа бил вклучен целиот државен производствен потенцијал, освен термоелектраната Осломеј.

Капацитетите работеле, ама струја се крадело за потребите на домаќинствата

– Во недела од преносната во дистрибутивната мрежа се пренесени 24.000 мегават часови за 24 часа. Претходните денови бројката е помала, што говори дека се повлечени повеќе мегавати поради временските прилики. Кога се на мрежа сите производни капацитети, а нема доволно струја, разликата се купува, а ако не се купува се повлекува од европската мрежа. Но не знаеме кој во тој момент го причинил тоа отстапување и ќе го чекаме извештајот од ЕВН – рече тој во емисија на телевизија Телма.

На 5 февруари, кога е случена кражбата, според информацијата на владата, ЕСМ произвела 20.926 мегавати, но не увезла струја. И во текот на вчерашниот ден, според податоците, нема направено увоз на струја, но произведени се 20.956 мегавати.

По овој инцидент, покрај ТЕЦ Осломеј, надвор од производството од утрово е и блокот 1 на РЕК Битола, а веќе следната недела ќе биде исклучен блокот 2 поради планиран ремонт.

ЕСМ: Студот нагло ја зголеми потрошувачката

ЕСМ преку соопштение информира дека во неделата имала кусок на електрична енергија од 820 мегават часови.

„Вкупната потрошувачка на електрична енергија на домаќинствата и малите потрошувачи (ЕВН Хоме) и дополнителните снабдувања кои ги врши АД ЕСМ преку ЕСМ Продажба, во неделата 5 февруари  драстично се зголеми поради наглиот и голем пад на температурата во вечерните часови споредено со претходните денови.Потрошувачката се искачи на 22.331 мегавари.Поради скокот на потрошувачката, која ги надмина и номинираните количини од ЕВН Хоме, од страна на АД ЕСМ пласирани се 1.045 мегавати часа системски услуги со терциерна резерва и регистриран е кусок од околу 820 мегаватчаса. Сите други денови АД ЕСМ работи во рамките на нормалните граници на снабдување. Нагласуваме дека повлекувањето енергија од европската мрежа е всушност утврден балансен механизам согласно правилник кој важи во цела интерконективно поврзана Европа“, соопшти ЕСМ.

Повлекле струја и ЕСМ и приватни фирми

И министерот за економија Крешник Бектеши денеска призна дека дел од повлечените количини на струја од европската мрежа се на ЕСМ, а останатиот дел од приватните трговци со струја кои ги снабдуваат компаниите на слободен пазар.

– Точни се податоците на МЕПСО. Утрово имав координација со директорот на ЕСМ и сакам да ги уверам граѓаните дека моментно не се увезува електрична енергија за потребите на регулираниот пазар. Овие повлекувања не се сите од страна на ЕСМ, туку може да се направат и од снабдувачите кои ги обезбедуваат компаниите на слободниот пазар. Овие 1 700 мегавати повлекување се само во недела и повеќето не се од ЕСМ, туку се главно од снабдувачите кои ги обезбедуваат компаниите на слободниот пазар – рече Бектеши.

Најважно е, дополни Бектеши, што ЕСМ е подготвена и првпат има резерва и во делот на трансформаторот во случај да се случи најлошото.

Тој уште еднаш потврди дека, по денешниот состанок со директорот на ЕСМ, може да увери оти сега во Северна Македонија не се увезува струја за потребите на регулираниот пазар каде што се домаќинствата и малите потрошувачи.

Share This Article