Заменик-генералниот секретар на ОН за хуманитарни прашања и координатор за вонредни состојби Мартин Грифитс рече дека речиси осум милиони луѓе ја напуштиле Украина од почетокот на конфликтот пред речиси една година.
Речиси осум милиони луѓе ја напуштија Украина во соседните земји, а 5,3 милиони се внатрешно раселени, изјави Грифитс во понеделникот пред Советот за безбедност на ОН во Њујорк.
Шефот на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања (OCHA) рече дека 17,6 милиони луѓе, или близу 40 отсто од населението на Украина, имаат потреба од хуманитарна помош.
Грифитс рече дека има намера да го претстави овогодинешниот план за хуманитарен одговор за Украина, за кој се потребни околу 3,9 милијарди долари, во Женева подоцна овој месец.
„Нема знаци на намалување на насилството“, рече тој.
Повеќе од 7.000 цивили се убиени откако Русија ја започна инвазијата на Украина на 24 февруари 2022 година, според официјалните податоци на ОН.
„Вистинските бројки се секако поголеми“, рече Грифитс.
Според Агенцијата за бегалци на ОН (УНХЦР), војната на Русија со Украина го предизвика најголемото движење на бегалци од Втората светска војна.