More

    Наумче Мојсовски на тапет, на потег Јавното обвинителство

    spot_img

    Директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Наумче Мојсовски, се огласи по повод барањето за негова оставка од Македонскиот олимписки комитет (МОК) и во врска со информациите изнесени од страна на членови на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) за злоупотреби со ваучер-системот.

    „Агенцијата за млади и спорт сака да ја информира јавноста дека информациите изнесени од страна на членови на Државната комисија за спречување на корупцијата поврзани со даночното ослободување на спортските субјекти, преку т.н. ваучерски систем, се тенденциозни и целосно неточни“, се вели во соопштението на АМС.

    Мојсовски тврди дека и на јавната седница на ДКСК, но и преку „тенденциозни соопштенија на одредени спортски институции инспирирани единствено од лукративни цели“, се изнеле „еден куп невистини и погрешно утврдени факти“ за примената на Законот за спортот и подзаконските акти кои се однесуваат во делот на даночните олеснувања, а се во функција на финансиска поддршка на македонскиот спортски систем.

    „Тука пред се укажуваме на јавното обраќање, исполнето со грст невистини од страна на претседателот на МОК, Даниел Димевски, кој ‘случајно” коинцидира со денот на одржување на седницата на ДКСК. Имено господинoт Димевски јавно побара разрешување во АМС и итно замрзнување на постапката за доделување спортски ваучери. Притоа ова е побарано од човекот кој е идејниот творец и креатор на системот на спортски ваучери, човекот кој во 2020 година кумулира две функции Претседател на централната комисија за доделување на спортски ваучери, член на управниот одбор на МОК а подоцна и негов претседател, и во исто време човек кој истата таа 2020 година побарува износ од 15 милиони денари за МОК иако требало како претседател да биде свесен дека таа институција во тој момент не ги исполнува законските услови за регулирана спортска дејност“, обвинува Мојсовски.

    Основната идеја за донесувањето на мерките за даночни олеснувања во форма на ваучери за спортските субјекти уредени првично со измените во Законот за спортот од 2019 година, била да се зголеми државната поддршка на македонскиот спортски систем и да се стимулира приватниот сектор повеќе да инвестира во спортот. Идејата е поддршка на националните спортски федерации, спортските клубови и индивидуалните спортисти, да биде поставена на цврсти темели кои ќе гарантираат објективност и транспарентност во постапките.

    За таа цел, се донесени неколку измени во Законот за спортот во 2019 година (Службен весник бр.98/19 и 244/19) и Правилникот во кој се наведени поблиските критериуми за користење на средства од даночно ослободување, начинот на бодување и рангирање како и формата и содржината на Барањата за даночно ослободување.

    Членовите на Централната комисија се на предлог на Владата, но тие не се оние кои ги „доделуваат“ ваучерите за даночно ослободување, како што е посочено од страна на ДКСК, туку се административна комисија која врши само административно-техничка обработка и евалуација на пристигнатите апликации и предлог-листата ја доставува до Советот за спорт (кое е стручно-советодавно тело, согласно член 25 од Законот за спортот). Советот за спорт во рок од 5 дена од приемот на предлог-листата на спортски субјекти кои ги исполнуваат критериумите за користење на средства од даночното ослободување, на седница ја утврдува и усвојува предлог ранг-листата. Вака усвоената листа на субјекти Агенцијата за млади и спорт ја објавува на својата веб- страница.

    Ова е објаснувањето на АМС и на Наумче Мојсовски, во кое се бара надлежните институции во најкраток можен рок да се произнесат за обвинувањата на ДКСК и се најавува преземање на „сите правни процеси со цел да се заштити угледот на институцијата“.

    По ова соопштение, се огласи и првиот човек на Македонскиот олимписки комитет, Даниел Димевски. Ова е неговото соопштение:

    „Посочениот директор има проблем со државните институции задолжени за спроведување на законот, а не со Олимпискиот комитет ниту со мене лично. Тој има проблем со конкретни наоди на Државниот завод за ревизија и следствено на наодите на Државната комисија за спречување на корупција и Јавното обвинителство во РСМ. Таму треба да го адресира своето соопштение и да се повика на својата презумпција на невиност, која му е единствена опција во моментов.

    Што се однесува на делот од соопштението каде лично сум спомнат, му благодарам на директорот за точната информација дека јас лично сум креатор и творец на ваучерскиот систем за финанасиска поддршка во спортот. Верувам дека многу спортисти и спортски субјекти видоа бенефит од мојата идеја преточена во конкретна законска рамка, без која денеска скоро ниеден спортски субјект не може да опстои и да се развива.

    За жал, практицирањето на системот е сведен на проста најчесто коруптивна распределба на средства од страна на еден човек со име Наумче Мојсовски. Сите контролни механизми кои ги има интегрелното решение на ваучер системот свесно од страна на директорот се ставени вон функција, со што истиот е комплетно деградиран.

    Комисијата која треба да предлага е нем извршувач на неговите налози а Советот кој патем тој го предлага е аминувач на истите. Кој е близок и има бизнис релации со него е награден, сите други казнети.

    Ова е само пародија на системот кој може и мора да функционира независно од волјата на директорот или било кој друг центар на моќ. Критериумите се поставени да се почитуваат а не со нив да се манипулира како што е моменталната пракса во АМС.

    На крај, моето разочарување е плод на високите очекувања што ги имав од спортската легенда Наумче Мојсовски, кој како директор за жал целосно потфрли. Многу важни теми од спортот и силни негови ветувања останаа нечепнати. Не видовме ништо од пензиите за заслужните спортисти.

    Не видовме ниту нови спортски сали, базени уште помалку.

    И Домот на спортови го загубивме по пат, како што изчезнаа и новиот Закон за спорт и Стратегијата за спорт пет пати ветувана.

    Регистерот на активни спортски клубови не се направи а транспарентноста од страна на овластената државна институција е оценета како катастрофална.

    Ова е за жал реалната слика и прилика на АМС раководена од директорот Наумче Мојсовски.

    Му посакувам на директорот да се врати во спортот во друга функција различна од оваа, која евидентно не е за него“, се вели во соопштението на Димевски.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img