Одлуката за воведување зона на забранети летови над Украина, како што бара претседателот Володимир Зеленски, може да ја донесат само Обединетите нации. Ова во интервју за италијанскиот весник „Кориере дела сера“ го изјави претседателот на Воениот комитет на ЕУ генерал Клаудио Грацијано. Во спротивно, појаснува тој, „тоа би бил воен чин против Руската Федерација“.
Грацијано истакна дека сегашната ситуација ги освести ЕУ и нејзините земји-членки за потребата да ја зајакнат сопствената одбрана преку оптимизирање на воените трошоци.
Во ситуација на руската инвазија во Украина, Зеленски постојано бара од НАТО да воведе зона на забранети летови над неговата земја. Како одговор на ова барање, лидерите на неколку земји-членки на НАТО, меѓу кои и американскиот претседател Џо Бајден, се спротивставија на таквиот потег.
Од своја страна, рускиот претседател Владимир Путин ја истакна сериозноста на последиците во случај на обиди за воспоставување зона на забранети летови над Украина и предупреди дека Русија ќе ги третира сите обиди на други земји да воспостават зона на забранети летови над Украина како учество во непријателства, кои ќе имаат катастрофални последици за целиот свет.