Австралија и Холандија започнаа правна постапка против Русија во Меѓународната организација за цивилно воздухопловство на ОН поради соборувањето на летот 17 на Малезија ерлајнс во 2014 година, се вели во денешното соопштение на австралиската влада.
Летот на Малезија ерлајнс од Амстердам до Куала Лумпур беше соборен во јули 2014 година со проектил истрелан од проруските бунтовници во Украина. Сите 298 луѓе во авионот загинаа, потсетува Си-Ен-Ен.
„Одбивањето на Руската Федерација да ја преземе одговорноста за нејзината улога во соборувањето на летот MХ17 е неприфатливо и австралиската влада отсекогаш велеше дека нема да исклучува никакви правни опции во нашата потрага по правдата“, се вели во изјавата на премиерот Скот Морисон, министерката за надворешни работи Марис Пејн и јавната обвинителка Михаела Кеш.
„Во октомври 2020 година, Русија еднострано се повлече од преговорите со Австралија и Холандија во врска со соборувањето на летот MХ17 и одби да се врати на преговарачка маса и покрај постојаните барања на Австралија и Холандија. Двете земји настапуваат од позиција дека Русија ги снабдила сепаратистите со ракетниот систем користен во нападот, а потоа го вратила назад“, се посочува во заедничката изјава. Во неа уште посочуваат дека „ракетата можела да биде истрелана само од обучениот руски екипаж на Бук-ТЕЛАР, или барем од некој што дејствувал под нивна инструкција, насока или контрола“.