Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев изјави дека испораката на понапредно американско оружје за Украина само ќе предизвика дополнителни напади од страна на Русија, а исто така може да ја активира руската нуклеарна доктрина.
„Цела Украина, која останува под власта на Киев, ќе изгори“, рече Медведев во писменото интервју со новинарката Надана Фридрихсон.
Фридриксон го праша Медведев, кој како заменик-претседател на Советот за безбедност стана еден од најистакнатите „јастреби“ по руската инвазија на Украина, дали употребата на оружје со поголем дострел може да ја принуди Русија да преговара со Киев.
„Резултатот ќе биде токму спротивен“, одговори Медведев во интервјуто што Фридрихсон го објави на нејзиниот канал Телеграм. „Само моралните изроди, од кои има доволно во Белата куќа и Капитол, можат да го тврдат тоа“, додаде тој.
Пентагон во петокот објави дека новата ракета, која има двојно поголем дострел од претходните, е дел од пакетот американска воена помош за Украина од 2,175 милијарди долари.
Запрашан што може да се случи ако Украина го искористи оружјето што го вети Вашингтон за да го нападне Крим, кој Русија го заплени во 2014 година, или да удри длабоко во Русија, Медведев рече дека Путин јасно се осврнал на ова прашање. „Не поставуваме никакви граници и во зависност од природата на заканите, подготвени сме да употребиме секаков вид оружје. Во согласност со нашите доктринарни документи, вклучително и Основите на нуклеарното одвраќање“, рече тој. „Ве уверувам дека одговорот ќе биде брз, цврст и убедлив“, додаде тој.
Руската нуклеарна доктрина дозволува нуклеарен напад по „агресија врз Руската Федерација со конвенционално оружје кога е загрозено самото постоење на државата“.