Специјалниот пратеник на Канада за Европска Унија и за Европа Стефан Дион ќе престојува во официјална посета на Скопје, од 6 до 8 февруари годинава. Фокусот на посетата е реафирмирање и продлабочување на билатералната соработка и односите меѓу Канада и Северна Македонија.
Во рамки на посетата, специјалниот пратеник Дион ќе се сретне со претседателот Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, со министри од Владата, како и со претставници на граѓанските, културните и бизнис заедниците во Македонија.
Стефан Дион е поранешен министер за надворешни работи на Канада (ноември 2015 до јануари 2017 година), бил назначен за специјален пратеник на премиерот во Европска Унија и во Европа, амбасадор на Канада во Германија (2017-2022), како и актуелен амбасадор на Канада во Франција и во Монако.
Специјалниот пратеник Дион го застапува канадското лидерство во светот за клучните глобални интереси, вклучително и промоција на универзалните човекови права, демократија, напори за мир и стабилност, одржлива трговија, глобалниот климатски предизвик и посветеноста на Канада на различноста.