Владата денеска соопшти дека ја разгледа Информација од Министерството за здравство за потребата од обезбедување дополнителни финансиски средства за ЈЗУ Универзитетска клиника за детски болести Скопје, зa набавка на терапија за пациентите со Цистична фиброза. Заклучено е Министерството за финансии, Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување да одржат координативен состанок, со цел доставување предлог решение.
Министерот за здравство Беким Сали на Фејсбук објаваи дека побарал од владата да биде донесена одлука за обезбедување пари за лекот „трикафта“ за 30 пациенти со цистична фиброза.
Набавката, како што посочуваат од Министерството за здравство, ќе се одвива во неколку фази, а во рамките на првата фаза, се очекува во текот на утрешниот ден да биде донесена одлука за обезбедување пари за лекот „трикафта“ за 30 пациенти.
Асоцијацијата за цистична фиброза преку Фејсбук најави нов протест за в сабота од 12 часот пред Владата, со кој повторно ќе побараат да се обезбеди терапија за сите болни од цистична фиброза.
Според неофицијални податоци на Асоцијацијата за цистична фиброза, во земјава има 65 пациенти на кои им треба лекот и на ваков начин се прави огромен проблем меѓу пациентите за тоа кој ќе го добие лекот, а кој ќе остане во немилост на болеста.
Асоцијацијата на крајот на декември одржа протест пред Министерството за здравство и побара да се обезбеди новата терапија за болните, но и алармираше за проблемите со доцнењето на постоечката терапија, како и проблемите со хоспитализацијата на овие лица.