Вилијам Михајловски-Гајда, осуден на 13 годишна затворска казна за крвавите случувања во Собранието на 27 април, ја одбива амнестијата.
Ова доаѓа откако неколку адвокатски канцеларии поднесоа предлог-закон за амнестија, а со кој, ќе бидат ослободени дел од осудените, додека на останатите ќе им се намали изречната казна.
Михајловски, осуден за терористичко загрозување на уставниот поредок, огласувајќи се во јавноста, посочи дека не сака амнестија и дека нему само Бог може да му суди.
„Доколку ЈО за организиран криминал има докази дека терористички сум го загрозил уставниот поредок со моето влегување во Собрание на Република Македонија, во кое влегоа уште 5.000 луѓе, слободно можете јавно да ги објавите и судовите нека судат. Но, да знаете нема само Македонија судии, има меѓународни судови на кои оставам да одлучат дали терористички сум го загрозил уставниот поредок. Доколку амнестијата е со цел да потпишам дека сум го сторил делото и ме амнестираат за тероризам, тоа никогаш нема да го потпишам. Јас тврдам дека во ниту еден момент не сум имал умисла и во ниту еден момент терористички не сум го загрозил уставниот поредок на Македонија. На Обвинителството останува да докаже дека терористички сум го загрозил уставниот поредок“, пишува Михајловски во објавата на Фејсбук.
Тој посочува дека шеста година е во затвор и дека не користи викенд погодности.
„Затоа останувам да лежам и преку правни алатки ќе оставам тие од организираниот криминал да докажуваат дека терористички сум го загрозил уставниот поредок. Повторувам уште еднаш, доколку целта е да ни дадат амнестија за терористичко загрозување – не, фала, не ми треба амнестија за нешто што не сум го сторил. Не се плашам од овие судови и обвинители, ама ич, овде во Македонија сѐ е корумпирано, судиите си играат пиши-бриши. Е па господо судии, јас не сум бил државен функционер да имам пари, за да подмитувам. Најважно ми е пред Божјиот суд да бидам чист. Бог е тој што може да ми суди. Мое барање за амнестија може да гласи дека барам праведно судење – а не амнестија“, додава тој.