Дебела парична награда ќе добие секој руски војник кој ќе успее да уништи или да зароби американски тенк „Абрамс“ или германски тенк „Леопард 2“ во Украина.
Официјален Кремљ во средата ја поздрави понудата од руските компании да исплаќаат „награди“ на руските војници кои уништуваат тенкови од западно производство во Украина, додавајќи дека тоа дополнително ќе им даде сила и мотивација на руските војници.
Руската компанија „Форес“ оваа недела понудила 5 милиони рубљи (околу 72.000 долари) во готовина на првите војници кои ќе уништат или ќе заробат американски и германски тенкови на боиштето во Украина.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека руската сила дури сега ќе ги „запали“ сите западни тенкови кои ѝ се испорачани на Украина, додавајќи дека паричната награда е дополнителна мотивација за руските војници.
– Ова сведочи за единството и за желбата сите да придонесуваат на ваков или на таков начин, директно или индиректно, а со цел остварување на целите на специјалните воени операции. Што се однесува на тенковите, веќе кажавме дека сите ќе ги уништиме. А сега, со ваква парична мотивација, сметам дека ќе се роди уште поголем ентузијазам кај нашите војници – изјави Песков.
Западните тенкови, кои се далеку понапредни од оние што во моментов ги користат Русија и Украина, малку е веројатно дека воопшто ќе стигнат на боиштето во источна и јужна Украина во наредните неколку месеци.