На плоштадот „Македонија“ во Скопје има десетина споменици поврзани со бугарската историја, а нема плоча со појаснување како што има на споменикот Воин на коњ, пишува во колумна објавена на БГНЕС Ангел Димитров, копретседател на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на Бугарија и Македонија.
„Нема милост за Георги (Гоце) Делчев и Дамјан (Даме) Груев, кои во костуми се качени на коњи кои никогаш не ги јавале. Во Скопје ја имаат, ретко кој знае зошто, и Триумфалната капија, која всушност е споменик на иредентизмот, бидејќи преку неа денешната република се поистоветува со целата географска територија на Македонија…“, пишува Димитров.
Според него, во Скопје упорно тврдат дека Бугарија им ја тресна вратата на ЕУ. „Но, тамошните политичари всушност самите го кријат европскиот клуч од своите граѓани, и од самите себе. Заробени во нивните идеолошки фрустрации, тие изгледа не разбираат колку е брзо времето во кое живееме и како тие самите ја оддалечуваат посакуваната европска иднина од незадоволителната сегашност. Политички стимулираните разлики во оценките за минатото не треба да станат аргумент за напуштање на неизбежниот сериозен и одговорен билатерален дијалог. Со вистински докази во Скопје за постоење на политичка волја за излез од орбитата на постјугословенизмот и антибугарскиот национализам, може да вратата на ЕУ да биде отклучена. Но, за тоа да биде така, уште еден гест од бугарска страна ќе биде оправдан само со недвосмислени и меѓународно санкционирани гаранции.
Нема друга земја која повеќе од Бугарија би сакала да ја види Република Северна Македонија во Европската Унија; земјата да биде демократска, просперитетна и ослободена од товарот на насилното фиксирање за митот на нејзината ексклузивност. Ако Европејците и Американците, загрижени за иднината на нашиот млад сосед, имаат интереси, ние имаме нешто повеќе – сродство. Затоа е корисен секој почеток за нормален дијалог, дури и најформалниот. Но, не може да има светла иднина, без јасно минато. Не може до бескрај да има ‘почетоци’“, напиша Димитров.
Тој ги повика Европската унија и САД да не ја критикуваат само Бугарија во преговорите со Македонија, бидејќи соседот, според Димитров, може да биде „тројански коњ“ на Москва.
„Од таква перспектива, дали Европската Унија и САД разбираат дека упатувајќи критики само кон Бугарија, тие всушност ја рехабилитираат Коминтерната, руските и српските интереси, Сталин и Тито и тоа идеолошко наследство кое е апсурдно далеку од научното прецизност, политичка коректност и европски вредности? И дека држава која е генетски поврзана со Србија и со Русија не може и не сака да им го сврти грбот? Во овој контекст, апсурдни се навестувањата дека позицијата на Бугарија им е на услуга, бидејќи Бугарија силно ја поддржа евроатлантската интеграција на Република Северна Македонија за да ѝ помогне да излезе од старата југословенска комунистичка орбита. Инаку, Москва нема ништо против евроинтеграциите на Белград и Скопје, бидејќи – со оглед на нивното политичко наследство – тие ќе бидат толку потребните „тројански коњи“ во Европската унија“, смета историчарот.