Повлекувањето на бугарскиот амбасадор од Скопје е неумерен гест, оцени Весела Чернева заменик-директор на Европскиот совет за надворешна политика и директорка на софиската канцеларија на оваа организација.
– Тоа што се случува меѓу Скопје и Софија е синџир на провокации кои ги има подолг период. Избувнуваат одвреме-навреме, па спласнуваат, и тоа многу зависи од политичките циклуси во двете земји. Кога се ближат избори во Бугарија вообичаено тој циклус пак се засилува – рече Чернева за бугарската ТВ1.
Чернева, која е реномиран регионален експерт за надворешна политика, беше и советник за надворешна политика на поранешниот премиер Кирил Петков.
Таа посочи дека на двете страни на границата има две партии со иста генеза, кои постојано создаваат поводи за да има тензии меѓу двете земји, а околу нив и групи слични на нив, како што е случајот со Костадин Костадинов и други политичари, кои се занимават со тоа да одржуваат постојани тензии.
– Ништо не го оправдува нападот врз македонскиот граѓанин со бугарска самосвест, впрочем и врз кој било друг такво нешто нема оправдување. Но, зрелоста на двете земји ќе се мери според тоа како можат да ги искористат механизмите кои веќе постојат, и беа договорени од владата на Петков со Брисел, за да може да се расчистат такви инциденти уште на самиот почеток. Во моментов не гледам дека тоа се случува. Напротив, дури и гледам желба за радикализација од бугарска страна. Според мене, повлекувањето на бугарскиот амбасадор од Скопје е неумерен гест, и ако ние навистина се грижиме како живеат Бугарите во Северна Македонија, какви права имаат тие и како се третирани од македонските институции, треба да можеме да им создадеме услови, а не постојано да ги настројуваме останатите против нив. Зашто, тоа е она што се добива во крајна сметка. Обичните луѓе со бугарска самосвест страдаат поради провокациите на маргиналците и од двете страни на границата – изјави Чернева.
Претходно и министерот за надворешни работи Бујар Османи го нарече „диспропорционален“ потегот на Софија да го повлече својот амбасадор од Скопје, ако тоа е одговор на инцидентот со секретарот на клубот „Цар Борис Трети“ Христијан Пандиков, кој беше натепан во Охрид. Османи рече дека тоа е поединечен инцидент, на кој институциите исправно реагирале.