Сѐ уште е нејасно дали предлог-законот за амнестија на лицата коишто го прекршиле полицискиот час во 2020 година воопшто ќе ја види светлината на денот. Во разговор со пратеници од власта дознаваме дека предлог-законот и натаму фаќа прашина во нечија фиока.
– Нема таков закон во процедура во овој момент. Договараме средба на дел од пратениците со Министерството за правда со цел да се види вистинската слика, бидејќи има и различни мислења кога станува збор за поуката. Тие се поврзани со тоа што ако во следен период има таква слична ситуација, дали оние што ќе го прекршат законот повторно ќе се надеваат на амнестија. А исто така и во смисла на оние кои веќе ги платиле казните, што ќе биде со нив, дали треба да им се вратат партите или не – ни одговори координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески.
Тој додава дека според првичните информации кои ги имаат, законот ќе ги опфати социјалните случаи, но потенцира дека целата ситуација мора детално да се разгледа пред да се подготви предлог-законот за амнестија на прекршителите на членовите 205 и 206 од Кривичниот закони.
Исто така за ова прашање го запрашавме и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, Никола Мицевски кој ни одговори дека до нив сѐ уште не е пристигнат никаков закон за амнестија на прекршителите на ковид мерките за време на пандемијата, но додаде дека имаат информации дека нешто се подготвува, но немаат ништо конкретно во моментов.
Од Министерството за правда нѐ информираа дека засега немаат информации што би било опфатено со овој закон, бидејќи како што велат, се работи за нешто што го размислуваат пратениците, па поради тоа ни посочија дека законот за амнестија на лицата кои ги прекршиле ковид-протоколите се подготвува од група пратеници во Собранието. Па така оттаму велат дека не се информирани за детали за тоа што ќе се случува со оние кои платиле и оние кои издржуваат затворски казни, како и кои лица ќе бидат опфатени во амнестијата.
Според информациите кои ги имаме, над 1.200 граѓани очекуваат да се спасат од „солените“ парични казни коишто треба да ги платат за непочитување на мерките за време на пандемијата со ковид-19. Станува збор за социјална категорија на граѓани коишто не можат или одбиле да ги подмират трошоците, поради што треба да одлежат казна затвор. Надлежните институции излезот од ваквата ситуација го гледаат во амнестија, со која на стотици граѓани планираат да им ги простат паричните казни и да ги заменат со условна осуда. Амнестијата ќе важи само за физичките лица, но не и за фирмите.
Статистичките податоци покажуваат дека во сите судови изминатите две години биле изречени 77 правосилни пресуди против физички лица за кривично дело по член 205 – „Пренесување заразна болест“, како и 5.553 правосилни пресуди по член 206 од Кривичниот законик – „Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. Ова се двете кривични дела за кои се поднесени илјадници тужби и се изречени голем број парични казни за македонски граѓани изминатите две години од пандемијата.
Министерот за правда Никола Тупанчевски во емисијата „360 Степени“, емитувана пред една недела, рече дека добиле предлог да се амнестираат дел од граѓаните, бидејќи сите оние што немаат да платат треба да завршат в затвор, а таму нема место за сите.
– Ја прифативме идејата на Кривичниот суд – Скопје зашто ни се виде како идеја која може да помогне. Тука не станува збор за лица кои извршиле кривични дела кои, пак, според својата персонална анамнеза претставува криминалци во вистинска смисла на зборот. Тоа се лица кои ги прекршиле ковид-мерките и нашиот кривичен законик предвидува, најчесто беа парични казни. Зборуваме за повеќе од 1.200 луѓе на кои, практично ако не ја платат паричната казна, за кратко време паричната ќе им се трансформира во затворска казна. Оваа идеја на Кривичниот суд, бидејќи предлог-законот е готов, е во собраниска процедура. Мораме да бидеме брзи зашто ако навреме не го донесеме законот тогаш задоцнето ќе биде неговото носење – рече Тупанчевски во гостувањето на „360 Степени“.
Министерот додаде дека амнестијата би се однесувала само на оние на кои паричната ќе им биде трансформирана во казна затвор. Оние кои веќе ја платиле изречената казна е прашање за кое може да се размислува, но фокусот е на лицата на кои паричната казна би им се трансформирала во затворска казна, но и дека нема да има амнестија за правните лица кои ги прекршиле ковид-мерките.
Имено, ние претходно пишувавме, откако на социјалните мрежи се појави информација дека на ден Бадник биле уапсени над 80 лица кои биле спроведени во затворите „Шутка“ и „Идризово“ за издржување на казна затвор, токму за овие кривични дела, но таа информација за масовно апсење беше демантирана од страна на МВР, а можно е Судот да побарал некое лице да биде спроведено за отслужување на затворка казна.
Дали законот ќе се донесе според планираното, останува да видиме, а во меѓувреме извесно е дека зад решетки ќе останат осудените лица кои во пандемиската 2020 година го прекршија полицискиот час, користеле лажни сертификати за ПЦР тестови, своеволното излегувале од изолација, казниви по член 205 и 206 од Кривичниот законик кои се однесуваат на кривичните дела „пренесување заразна болест“ и „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“, но да потенцираме дека оваа амнестија, доколку се донесе нема да важи за кафулињата, за рестораните, за компаниите, но и за другите правни лица кои ги прекршиле протоколите против ковид-19.