Можната испорака на борбени тенкови од страна на Вашингтон за Украина ќе биде „уште една очигледна провокација” против Русија, изјави рускиот амбасадор во САД Анатолиј Антонов.
– Очигледно е дека Вашингтон намерно се обидува да ни нанесе стратешки пораз. Ако САД решат да испорачаат тенкови, тогаш оправдувањето на таков чекор со аргументи за „одбранбено оружје” дефинитивно нема да успее. Тоа би било уште една очигледна провокација против Руската Федерација – рече Антонов во забелешките на амбасадата објавени на Телеграм.
„Вол Стрит Џурнал” вчера информира дека администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден е сè поблиску до одлуката за испраќање на моќните американски тенкови „Абрамс” во Украина, додавајќи дека одлуката би можела да биде соопштена уште неделава.
Како што јави Шпигел, германскиот канцелар Олаф Шолц одлучил да испрати тенкови „Леопард 2“ во Украина и да им дозволи на другите земји да го сторат истото, но засега нема официјална изјава од германската влада. Според изворите на весникот, германија ќе испрати најмалку 14 „леопарди“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претпазливо реагираше на овие извештаи од Германија.
– Многу труд, зборови и ветувања. Но, важно е да се види реалноста… Не се работи за пет, ни десет, ни петнаесет тенкови. Потребата е поголема. Секој ден правиме сè што е потребно за да го пополниме дефицитот. И благодарен сум на сите што нè поддржуваат во тоа – рече тој во своето секојдневно видео-обраќање доцна синоќа.
Според Зеленски дискусиите за испорака на тенкови сега мора „да завршат со одлуки”.
– Одлуки со кои навистина ќе ја зајакнеме нашата одбрана од терористите. Сојузниците на Украина го имаат неопходниот број тенкови. Кога ќе се постигне потребната тежина на одлуките, ќе бидеме среќни да изразиме благодарност за секоја тешка одлука – рече Зеленски.
На редовниот брифинг Зеленски изјави дека Русија планира нов бран на агресија и оти почетокот на тој бран веќе се гледа во Донбас.
– Русија се подготвува за нов бран на агресија со мобилизирани сили. Окупаторите веќе го зголемуваат притисокот во Бахмут, Вухледар и на други правци. За да не признаат грешката, руските власти сакаат да уфрлат повеќе свои луѓе и опрема во борбата – рече Зеленски.
Од друга страна, руската армија тврди дека ја спречила украинската офанзива во областа Запорожје
– Благодарение на нашите превентивни дејствија, плановите на непријателот да изврши широка офанзива на ослободениот дел на регионот Запорожје со цел да стигне до брегот на Азовското Море беа спречени – членот на главниот совет на регионот Запорожје, Владимир Рогов.
Според него, „сега украинските сили се принудени да ги повлечат резервните трупи, вклучително и од насоката кон Доњецк, за да ја задржат линијата на фронтот”.
Повеќе од 70 отсто од регионот Запорожје во моментов е под руска контрола, а украинските војници го држат регионалниот центар – градот Запорожје. Борбите се водат речиси по целата линија на фронтот, а главните се во областа на градовите Орехов и Гуљајполе.