Претседателот на Социјалдемократската партија (СДС) Борис Тадиќ денеска изјави дека власта во Србија покажала целосна неспособност да се соочи со косовскиот проблем, но дека сè уште има простор да се бара компромисно решение.
Тадиќ за телевизијата Н1 изјави дека треба да има национален консензус за изнаоѓање компромисно решение и дека во тоа треба да учествуваат претставници на власта, на опозицијата, но и граѓаните.
Според него, најавата дека Србија денес треба да направи некои отстапки кон Косово и дека за конечното решение ќе се разговара за десетина години, кога на дневен ред ќе биде членството во ЕУ, е „постепено влегување во ладна вода”.
Тадиќ предлогот на ЕУ го оцени како „лицемерна уцена”, чија суштина е „ќе ви дадеме членство доколку пасивно учествувате во независноста на Косово”.
Тој рече дека е неопходно да се започне дипломатска офанзива, а не да се „подигне борбената готовност и заканата од војна, како што тоа го прави владата предводена од претседателот на Србија и Српската напредна партија (СНС) Александар Вучиќ”.
Тадиќ додаде дека членовите на опозицијата кои го разбираат проблемот треба да учествуваат во разговорите за Косово, наведувајќи дека меѓу нив не е Драган Ѓилас, претседателот на Партијата за слобода и правда (ССП), кој „нема поим што е Косово”.
Борис Тадиќ оцени дека најавата на Вучиќ дека ќе поднесе оставка од функцијата претседател на СНС е дадена „во страв да не го изгуби новиот култ” што го градел десет години, што, како што рече, е „бесрамно”.